Александра Василева повеќе од девет години грижливо чува 26 кучиња од расата померани во куќа во Скопје. Таа секојдневно се грижи за нив, ги храни, ги пострижува, ги бања, редовно ги носи на ветеринар. Вели дека љубовта кон животните ја има уште од дете и никогаш не се сомневала дека еден ден ќе има одгледувачница за кучиња.
„Таа љубов едноставно е во моето срце, со еден збор, јас целиот мој живот сум со кучиња“, открива Александра во разговорот за „Репортер“.
Во моментов има 26 кучиња, од кои две се на 9-годишна возраст. Сите миленици живеат во нивната сопствена куќа која се протега на 150 метри квадратни.
„Не е лесно, ама не е ни тешко ако сакаш да поставиш ред. Засега редот со нив е сè уште многу добар. Секој си ја знае својата работа, си го знае својот кревет. А како е да ги храниш? Па готвам и за нив исто како што готвам и за моите деца. Еден ден лосос, па јагнешко, на менито имаат и пилешко, зеленчук, свежо овошје и сè она што е убаво за нив и за нивното здравје“, раскажува Александра, сопственичка на одгледувачницата за померани во Скопје RoyalSiberianStar.
Најголема помош и поддршка има од нејзиниот сопруг и ќерката, кои секојдневно се грижат за милениците. Но, со оваа работа почнале да се занимаваат заради синот Бојан, кој првпат побарал да донесат дома куче.
„Синот сакаше куче дома и така почнавме да бараме на огласи. Тогаш беше популарно кучето Боо за кое подоцна дознав дека е од расата померани, а за неговиот карактер дознавме откако го донесовме дома. Се одлучивме преку пријатели да го купиме првиот померан од Русија, и тоа пред 9 год. Нè плени сите по дома. Така почна нашата приказна“, раскажува Василева и додава дека овие кралски кучиња се многу специфични и си бараат соодветен третман.
Александра раскажува дека во нејзината одгледувачница за кучиња добредојдени се и сите оние на кои им треба помош околу милениците. За бањање, потстрижување, некогаш и да ги остават ако немаат каде. „Но ова не е хотел за миленици иако некои и така мислеа. Она што мене ме прави среќна е што луѓето сфатија дека кучињата шират позитивна енергија и имаат потреба од љубов па затоа има и голема побарувачка. Искрено некои со месеци чекаат за да земат од кај нас, оти оваа раса е посебна. Оние кои сакаат миленици од срце не ни прашуваат за цена“, искрена е Александра. „Сите кои мислат да купат или да вдомат милениче прво да видат и проверат дали во нивниот дневен распоред имаат време за него, ако немаат да не купуваат.
Александра Василева е сестра на познатиот шминкер Александар Дадар. Тие се близнаци и уште од деца згрижувале животни. „Ние од секогаш сме имале по дома кучиња, мачки, хрчаци, зајаци и што уште не. Како и сите близнаци, така и ние многу сме блиски“, вели Василева. На прашањето колку често оди кај него да се шминка вели: „Ма ме шминкаше само за свадби и за мојата свадба. Јас немам време за тоа. Ама моите другарки да, па уште од средно училиште ги шминкаше сите мои и негови другарки, а тие уживаа. Уште тогаш знаевме дека еден ден ќе биде популарен“, низ насмевка вели таа.
Александра Георгиев