„Заедно во борба со канцерот“ е иницијатива за донација на коса за заболени од рак. Зад неа стои битолчанката Тамара Илиевска (18) која заедно со Викторија Брдаровска (19) и „Здружението за заштита од повеќе аспекти ВИКТОРИ- Битола“ ја покренаа оваа иницијатива.
Идејата за Тамара за да ја започне иницијативата за донација на коса била поттикната од нејзината лична приказна, кога во 2015 година нејзината мајка открила дека има рак на дојката.
„Во тој момент мене како дете ништо не ми беше јасно освен дека таа е многу болна и дека ќе оди на операција. После месец и половина од операцијата точно на нејзиниот 35 роденден ја прими првата хемо терапија, а јас и сестра ми како деца во моментот, јас имав 12 години, а мојата сестра 8 години буквално ништо не ни беше јасно и ѝ бевме лути зошто таа не направи торта да го прославиме роденденот како и секој претходно. По 2 дена откако ја прими втората хемо терапија играјќи си со нејзината коса, во раката на сестра ми остана цел прамен“, раскажа Тамара за Репортер.
Таа во декември 2016 година самоиницијативно ја потстрижила косата и решила од тој момент се до нејзината матура да ја остави да ја расте, за да може да ја донира, а потоа од неа да се направи перика.
„Па така еве 6 години подоцна јас успеав и повеќе од тоа што го замислував да го остварам“, рече Тамата Илиевска.
Во иницијативата се приклучиле 15 фризерски салони од Битола кои веднаш прифатиле.
„Многу ми е мило што повеќето од луѓето кои ја донираа косата беа млади, помеѓу кои до сега и има 2 деца на возраст од околу 4 и 6 години. Исто така има и неколку мажи кои се приклучија. Најмногу донатори се од Битола, меѓутоа има и девојки од Скопје, Охрид. Во порака ни пиша дечко кој живее во Истанбул со потекло од Македонија, кој исто така боледувал од канцер и откако оздравел решил да ја пушти косата и да ја донира. Нè исконтактира и девојка од Скопје која во моментов живее во Франција исто со желба за донација кога ќе се врати“, раскажа Тамара за иницијативата „Заедно во борба со канцерот“ и додаде дека ја исполнил фактот што се повеќе луѓе секојдневно ги контактираат, а најголем дел од нив се млади.
Минимална должина на донацијата е 20цм, од еден до друг крај на секое влакно. Косата може да биде во опавче, плетенка или да биде цврсто врзана со ластиче при врвот. Треба да биде исклучително природна или бојадисана коса, но не онаа на која е користен бланш, ниту коса која е повеќе од 5 проценти седа. Седата коса може да се користи само во случај претходно да е бојадисана. Степенестата коса може да биде искористена, доколку најкусата должина на влакното е минимум 15цм. Kосата на човекот на годишно ниво во просек расте за 18цм, што значи дека еднаш годишно можете да се донира коса.
„ До сега имаме над 30 донации иако секојдневно бројката расте. Косата ќе ја испратиме кај девојка од Кавадарци, Сашка Кузманова која е прва во Македонија со регистрирана фирма ,,Инфинити Лајф КС” за изработка на перики од природно влакно. Секоја перика се изработува поединечно со многу труд и љубов. Моментално донациите се преку нас за оваа акција, но исто така може да се донира директно кај Сашка“, рече Тамара.
Тамара советува до најмладите редовно да посетуваат прегледи и контроли бидејќи здравјето е најважно. И никогаш да не се гледа со љубопитност и зачудено кон лице на кое му опаднала косата, веѓите, трепките, бидејќи тоа уште повеќе уништува заболените од рак.
„Апел до сите кои сакаат да донираат за нашиот настан можат да ни се обратат на нашата страница на Facebook ,,Сите заедно во борба со канцерот” или лично мене на телефонскиот број 075 663 511“, апелира Тамара.
Габриела Додевска