Компанијата на Анџелина Џоли поднела тужба тешка 250 милиони долари против Бред Пит, поради францускиот виноград. Во најновата тужба се тврди дека нејзиниот бивши сопруг се обидел да ја превземе контролата над имотот од 1300 хектари.
Тужбата се однесува на француската винарија која некогаш славната холивудска двојка ја купија заедно за време на врската.
Од кога во 2016 година објавија дека се разведуваат, Џоли и Пит беа вмешани во тешка бракоразводна парница, која се однесува и на старателството над нивните деца и имотот.
Судските документи се доставени оваа недела и во нив е наведено дека Бред Пит наводно се обидел да превземе контрола над имотот од 1300 хектари во знак од одмазда поради постапките за развод и старателство.
Бред и Анџелина се венчаа во 2014 година и вложија десетина милиони долари во реновирање на зградата и подобрување на приносот на грозје во Шато Миравал, имот на југот на Франција за кој платија 25 милиони евра.
Во тужбата е наведено дека Бред Пит потрошил милиони од парите на компанијата на разни проекти, кои вклучуваат и повеќе од милион долари кои ги дал само за да направи базен.
„Пит допрва ќе треба самиот да се позанимава со најновата тужба“, рече извор близок до Џоли за US Weekly.
„За жал ова е уште едно повторување и препакување на стар материјал за да се обиде да го одвлече вниманието од однесувањето на другата страна“, пренесува Индипендент.
Спорот околу винаријата почна минатата година кога Пит поднесе документи во судот, обвинувајќи ја Џоли за систематска опструкција на неговото управување во винаријата, но и дека го продала својот удел во виноградот, а дека не му понудила можност прво тој да го купи.
Во јуни годинава, адвокатите на Пит тврделе дека под негово раководство бизнисот со лозја прераснал во меѓународна успешна приказна од повеќе милиони долари и дека Анџелина нема никаква врска со тоа.
Според тужбата на Пит, Џоли го продала својот удел во фирмата за производство на алкохолни пијалоци со седиште во Луксембург, кој го контролира рускиот олигарх Јуриј Шефлер, без знаење на глумецот.
„Низ оваа продажба, Џоли се обидела да му нанесе штета на Пит“, стои во документите поднесени до судот, до кои дошла новинската агенција „ПА“.
За потсетување, глумците заедно имаат шест деца, Медокс, Захара, Пакс, Шајло, Вивиен и Нокс, околу кои водат битка за старателството. Анџелина поднесе тужба против бившиот и за злоставување и семејно насилство.