Атина е најевтина европска дестинација за градски одмор

Атина е прогласена за најевтиното место за градски одмор во Европа, покажа истражувањето на „Пост офис травел мани“ од Британија. Ова е првпат во 15 години откако се прават овие анализи на првото место да не е град од источна Европа.

Според истражувањето, цените во Атина се намалени за 15% во однос на лани. Во трошоците за истражувањето се земени предвид цените за две ноќевања во хотел за две лица, оброци, карти за локални атракции и локален превоз. Ова во Атина чини 207 фунти, наспроти 218 фунти во Лисабон, кој е на второто место.

Зад нив на листата се источноевропски дестинации кои се познати по пониски цени, како Краков (219 фунти), Рига (220) и Будимпешта (221).

„Градови како Амстердам, Париз и Венеција најчесто беа прв избор меѓу испитаниците, но тие се скапи за посета. Атина и Лисабон се двојно поевтини и истовремено нудат топла клима. Лисабон заврши на второто место, иако има покачување на цените за 21% во однос на лани“, рече Ник Боден, шефот на истражувачкиот тим.

Шест од анализираните градови се повеќе од двојно поскапи од Атина: Стокхолм (421 фунта), Париз (423), Даблин (436), Копенхаген (456), Венеција (457) и Амстердам (593).

Scroll to Top