(Видео) Александар и Белма од Гранд го промовираа спотот за заедничката песна

Александар Јосифовски и Белма Хусеинефендиќ објавија спот за песната „Воли ме ко себе“, откако неодамна дуетот го отпеаја на Охрид фест на македонски јазик.

„Кога Горан Шарац ми рече дека треба да најдеме девојка која ќе може да го отпее нејзиниот дел онака како што замислуваме, веднаш ја повикав Белма, бидејќи таа енергија што ја поседува е нешто што не го гледате секој ден. Не размислував многу за тој потег, бидејќи кога првпат ја запознав Белма знаев дека нејзината енергија ми одговара. Таа е едноставно некој што пее како што живее“, рече Александар Јосифовски за „Репортер“.

Белма, пак вели дека веднаш ја прифатила поканата за соработка.

„Соработката со Александар се случи случајно, еден ден во јули тој само ми се јави и ме праша „Еј, сакаш ли да направиш песна со мене?“ Се согласив без размислување и тоа ми беше чест. Кога бев во Охрид ми рече дека многу сака да ја направиме песната, срцето ми беше полно“, рече таа.

 

Иако одделно ги снимаа своите делови, Александар во Македонија, а Белма во Босна и Херцеговина, и двајцата тврдат дека имале чувство дека цело време биле заедно во студио и дека енергијата во создавањето на оваа песна едноставно се поклопила. Песната е во нивен стил и се пронаоѓаат во неа, а ги потсетува на возбудливи и среќни ситуации.

Спотот за песната „Воли ме ко себе“ се снимаше во Охрид и Скопје, во режија на Кристијан Љушев. Музиката ја напиша Горан Шарац, текстот е на Огнен Неделковски.

На неодамна одржаниот охридски фестивал песната освои две награди. Прва награда од новинарите и втора награда на жирито.

Scroll to Top