Почина рускиот алпинист Александар Кленов, кој ја промовира Демир Капија во светот

Почина рускиот алпинист Александар Кленов, кој изминативе години живееше во Демир Капија и ја промовираше демиркаписката клисура во светот. Тажната вест ја сподели граѓанската активистка и негова пријателка, доктор Кристина Николовска.

„Демир Капија ја сакаше како родно место. Повеќе и од некои родени демиркапијци. Направи многу за неа“, рече Кристина.

Николова за Кленов рече дека бил човек кој бескрајно ја сакал природата и ги учел своите две малолетни деца, како и сите други луѓе, како да ја сакаат природата и да водат здрав живот.

За потсетување, Кленов пред неколку години крај железната порта изгради свој дом и одлучи каменото царство и реките Вардар, Бошавица и Дошница да бидат дел од неговото семејство.

„Уште од мали нозе ја сакам природата. Започнав со планинарење, продолжив со спортско качување, за да станам мајстор по алпинизам. Карпите ми се во крвта, што се вели, тие се мојата втора љубов, по семејството. Сум имал бројни авантури низ светот, искачувајќи камени ѕидови во секакви временски услови и под разни околности. Демиркаписката клисура ме освои на прв поглед уште пред неколку години и решив тука да пуштам корени, Кленов кој многумина го споредуваа со Тарзан, Терминатор и слично.

Благодарение на него, бројни алпинисти и алтернативни туристи го посетуваат малото место богато со природни богатства, историја, археологија, традиција и култура.

„Мојата мисија е и понатаму да го промовирам овој дел од светот кој заслужува да биде виден“, рече Кленов.

Scroll to Top