Индијaнската активистка и глумица Сачин Литлфедер, која во 1973 година го одби Оскарот во име на Марлон Брандо, за филмот „Кум“, почина на 75 години. Тажната вест во неделата ја објавија од Академијата за филмски уметности. Литлфедер боледувала од рак на дојка.
„Холивуд репортер“ ја пренесе изјавата од нејзиниот старател кој рече дека починала во неделата пладнето во нејзиниот дом во Новато, Северна Калифорнија. Била со своите најблиски.
Брандо во 1973 година го освои Оскарот за најдобар глумец за улогата во Кум, но не присуствуваше на церемонијата. Тој протестираше во знак на поддршка за правата на американските домородци.
Литлфедер се појави во негово име, но одби да ја прими наградата и одржа краток говор објаснувајќи зошто Брандо не сакал да го прими оскарот. Таа рече дека тоа е последица на тоа како се третирани американските Индијанци во филмската индустрија и на телевизија.
Холивуд по церемонијата ја стави на црната листа. Тогаш 26-годишната Сачин беше исвиркана, а подоцна тврдеше дека чуварите зад сцената морале да го спречат актерот Џон Вејн да не ја нападне. Други наводно, правеле навредливи гестови.
Во август, Академијата за филмски уметности и науки издаде официјално извинување за нејзиниот третман. Телото кое ги надгледува Оскарите ја опиша нејзината изведба како моќна изјава која треба да потсети на неопходноста за почитта и важноста на човечкото достоинство.