„Снежана на крајот умира“ вечерва со премиера пред скопската публика

Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ вечерва во Синеплекс ќе има премиера пред скопската публика.

Во главните улоги се појавуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Сценарист и режисер на филмот е Кристијан Ристески, продуцент е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

Животите на една хикикомори уметница, радиоводител со Аспергер синдром, сопственик на видеотека, филозоф од пред гранапче, креативен директор и гинеколог антинаталист се испреплетуваат низ три откачени приказни за љубов, пријателство и посветеност.

„Снежана на крајот умира“ е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Филмот е македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи Вертиго висуал (МКД) и Карета филмс (КИП). Продукцискиот буџет е 405 илјади евра. Финансиски е поддржан од македонската Агенција за филм (200 илјади евра) и кипарското Министерството за култура (45 илјади евра).

„Снежана на крајот умира“ имаше светска премиера на почетокот на годинава во официјалната селекција на филмскиот фестивал „Слемденс“ во Парк сити, САД, а европска премиера имаше ова лето на фестивал од А категорија, речиси истовремено со македонската премиера на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Scroll to Top