(Видео) Сечам дрва, живеам како во 18. век: Глумицата Ивана Јовановиќ по осум години се појави во јавноста

Актерката Ивана Јовановиќ која се прослави со улогата на Неда во серијата „Гревот на нејзината мајка“ по осум години се појави во јавноста. Таа во 2014 година се пресели во Америка и оттогаш не снима филмови и не објавува ништо на социјалните мрежи. Сега на Твитер се споделува видео што изненади многумина, затоа што Ивана првпат се појавува пред камерите.

„Здраво. Не сме се виделе осум години. Се извинувам ако развив акцент, ама тоа ни се случува на сите нам што се исселивме од Белград. Во моментов живеам во преубавото Ајдахо. Можам, всушност, да кажам, дека живеам во цела Америка. Постојано патувам. Седум години живеев во Лос Анџелес, но сега сум во Ајдахо, во една преубава планинска атмосфера. Живеам како во 18. век. Сечеме дрва, одиме да купуваме намирници, ова е дворот… и така, се чувствувам феноменално“, вели српската глумица во видеото.

Медиумите своевремено пишуваа дека Ивана и нејзиниот тогашен дечко Виктор заминаа за САД. На почетокот таа работеше како креативен менаџер во ресторан, а потоа била и инструктор по јога. Веднаш по преселбата, таа за српските медиуми рече: „Во ЛА го живеам својот сон, ама не оној треш, туку буквално сонувам во својот кревет, во својата куќа на брдото Холивуд. Пишувам и колумна за еден магазин за сите теми што ме инспирираат“, и тоа беше нејзина последна изјава за јавноста.

За потсетување, публиката ја запозна Ивана преку серијата „Гревот на нејзината мајка“, која беше работена по книга на Мир-Јам. Партнер во серијата ѝ беше Иван Босиљчиќ.

Scroll to Top