(Видео) Шекил О’Нил доби патики од Сатја Грабулоски кои ги виде цела Америка во емисија во живо

Патики од дизајнерот Сатја Грабулоски беа презентирани во најпопуларната емисија за кошарка во Америка, Inside the NBA. Македонскиот дизајнер направи еден пар уникатни патики посветени на водителот Ерни Џонсон и НБА-легендите Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит, кои заедно ја водат оваа емисија.

„Голем поздрав од Атланта до Македонија и Сатја Грабулоски. Неговата компанија SWithADot, е единственото студио во светот што изработува уникатни обувки, а меѓу нив се и овие за филмот „Спејс џем“ со Леброн и Кристијано Роналдо. И знаете што? Сатја направи еден пар и за нас, наречени ‘Работите во НБА’“, рече Џонсон, водител кој ja освои Еми наградата за најдобра спортска емисија.

Патиките, на кои се ликовите на четворицата презентери и симболите на НБА и ТНТ ќе бидат изложени во студиото во текот на целата сезона.

„Сатја, фала ти за подарокот. Сакате ли да погодите колку часа му требале да ги направи патиките? 155 часа. Овие луѓе се многу талентирани. Патиките ќе стојат на почесно место во нашето студио“, вели Џонсон.

Кошаркарите не се согласија со него, па коментираа дека тоа се патики и треба да се носат.

Ист став има и Грабулоски. Неодамна во интервју за „Репортер“ раскажа за соработките со светските ѕвезди низ годините, па вели: „Криво ми е кога не ги носат, туку ги чуваат дома за да не им се оштетат. Патики се и треба да се обујат“.

Scroll to Top