Актерката Ева Лонгорија на настанот на доделување на титулата „Дама“ беше облечена во креација на македонскиот дизајнер кој живее и работи во Австралија, Тони Матичевски.
„Сега сум дама Лонгорија. Денеска ја добив оваа неверојатна чест во Астуриас, Шпанија за мојот придонес во културата во овој регион. Татко ми не може да биде тука, но ќе беше многу горд“, напиша актерката во објавата.
Фотографија од креацијата на Лонгорија објави и македонскиот дизајнер и напиша „Честитки дама Ева Лонгорија“. Ева беше облечена во Матичевски, Modality Gown, кога ја доби оваа неверојатна титула во Астуриас, Шпанија“, напиша Матичевски.
Фустанот во кој е облечена актерката чини 2.200 долари на официјалната страница на дизајнерот.
Не е првпат Ева Лонгорија да носи креација на македонскиот дизајнер, тоа се случи и во јули кога на хуманитарна забава во Марбеља, Шпанија, таа облече бел романтичен фустан со асиметрично деколте кој го искомбинира со сребрени сандали и мали дијамантски обетки.
Матичевски е еден од најпознатите дизајнери во Австралија, каде што неговите родители се преселиле уште додека Македонија беше дел од Југославија. Негови креации, освен Лонгорија, носеа и Хајди Клум и Киртсин Данст.