Под земјата се крие енергија што ги надминува енергетските потреби на планетата за милијарда пати, тврдат научници. Додека човештвото се бори со енергетската криза, а еколозите се обидуваат да нè одвратат од користење фосилни горива, важно е да се обезбеди доволно зелена енергија пред да се отфрлат старите навики.
Иако соларните електрани и ветроелектраните се прифатливо решение, кое веќе со децении напредува, сепак и тие имаат маани. Доколку се занемари економскиот фактор, најголема маана кај ваквиот вид производство на енергија е тоа што се генерира енергија периодично, односно не е достапна 24/7.
Сепак научниците тврдат дека постои решение кое може да го реши овој проблем. Се наоѓа под нашите нозе, геотермална енергија. За жал, за да може да го искористиме целосниот потенцијал, потребно е да се надмине огромна пречка, дупчењето, велат научниците.
„Вкупната енергетска содржина на топлината што постои под Земјата ја надминува годишната енергетска побарувачка на планетата за милијарда пати. Искористувањето на само дел од неа е повеќе од доволно за да ги задоволиме нашите енергетски потреби во далечна иднина“, рече Мет Худ, коосновачот на компанијата Quaise Energy.
Сепак денес не можеме да дупнеме доволно длабоко за да стигнеме до таа енергија, објаснува тој.
„Доколку успееме да се спуштиме на длабочина од 16 километри, може да пронајдеме економска температура секаде. Доколку одиме уште подлабоко, можеме да дојдеме до температура на која водата станува суперкритична“, рече Худ, додавајќи дека тоа значително би ја намалила цената на производството на енергија.
Најдлабоката дупка која човекот ја направил во историјата е во Русија. Изнесува 12,262 метри и на неа работеле 16 научноистражувачки лаборатории. Направена е за истражување на земјината кора. Целта е да се достигне длабочина од 15.000 метри, а на тој потфат се работи веќе 20 години.
Конвенционалната опрема не може да ги издржи условите на тие длабочини. Поради недостиг на финансиски средства, проектот е напуштен во 2006 година.
„Потребни ни се стотина, ако не и илјадници дупки како оваа, ако сакаме да ја складираме геотермалната енегрија до потребните капацитети“, рече Худ. Quaise Energy смета дека има решение за овој проблем.
„Развој на технологија за кршење камења со микробранови и дупчење на најдлабоките дупки на Земјата. Не е ова крадење на заплет од филмот ‘Ѕвездени патеки’. Оваа технологија е реална и докажана во МИТ лабораторија“, рече Худ.
Quaise работи на замена на конвенционалните бургии со енергија на милиметарски бранови. Тие бранови буквално топат сè пред нив и сите карпи можат да испарат, создавајќи длабока дупка. На ова решение се работи во МИТ лабораториите во последните 15 години, а научниците покажале дека милиметарските бранови можат да направат дупка во базалт (магматска карпа, со темна или црна боја).
Дополнително, жиротронската машина која произведува енергија од милиметарски бранови не е нешто ново, таа се користи веќе 70 години во истражувањето за нуклеарна фузија како извор на енергија.
Худ објаснува дека милиметарските бранови се идеални за тврди карпи на длабочини каде што сега конвенционалните дупчалки се мачат во пробивањето. Додаде и дека не се толку ефикасни кај помеките карпи кои се поблиску до површината.
Сепак, тоа се истите формации каде што конвенционалното дупчење се истакнува. Затоа, компанијата ги комбинира двата пристапа за да биде поефикасна.
„Нашиот сегашен план е да ги пробиеме првите дупки на теренот во следните неколку години. И додека продолжуваме да ја унапредуваме технологијата за подлабоко дупчење, ќе ги истражуваме и нашите први комерцијални геотермални проекти во поплитки средини“, рече Худ.