Александар Јосифовски од „Гранд“ во САД ја сними рок-баладата „Отопи ме“. Тој вчера го промовираше и спотот кој е снимен на неколку локации во Њујорк, на Тајмс сквер и во познатото њујоршко метро, вметнати се и сцени од неговите настапи од турнејата со Брена, а во неколку кадри се појавува и неговата сопруга.
„Јас сум веќе некое време во Америка, а сопругата Теодора е дома. Па затоа кога го снимав спотот реков дека сакам да ја има и неа во неколку кадри за и таа да се чувствува како да е тука“, рече Александар за „Репортер“.
Во разговорот Јосифовски ни откри дека композиторот Горан Шарац, со кого соработува веќе некое време, му испратил демо-снимка, и тој ја бендисал песната на прво слушање.
„Не можев да ѝ одолеам. Песната во мене разбуди емоции, па веднаш побарав студио за да ја снимам што е можно побрзо. Добив и идеја каков ќе биде аранжманот, и ете, ја направивме баш како што си ја замислив. Првите реакции се одлични и мило ми е што и публиката ја доживува слично како што ја доживеав јас“, ни кажа Александар.
Јосифовски на почетокот на октомври замина во Америка на турнеја со Лепа Брена, која требаше да трае еден месец. Поради одличните реакции на публиката, тој остана да ја продолжи турнејата сам и секој викенд пее во различни градови низ САД. Тој ќе има концерт во Америка и за дочекот на Новата година.
„Пред крајот на турнејата со Брена веќе имаше интерес кај луѓето да се вратам и да пеам пак, добар фидбек на настапите во градовите што ги посетивме, па менаџерот одлучи да продолжиме во некои од истите градови, ама да пеам и на некои нови места. Мило ми е што тука уживаат во она што го правам и споделувам со нив и неизмерно сум среќен што рокенролот е присутен во срцата на многу луѓе“, додаде тој во разговорот.