Американската пејачка Мараја Кери доби стрип во кој е опишан нејзиниот живот и кариера, објави „Тидалвејв комикс“. Стрипот посветен на американската пејачка и актерка е објавен во серијалот „Женска сила“ кој ги прикажува животите на успешните жени во нивните области на работа.
На 22 страници стрипот ја раскажува приказната за детството на Мараја Кери и нејзиниот пат до славата. Издавачот Дарен Г. Дејвис објасни зошто стрипот за Мараја Кери е објавен токму сега.
„Нејзината приказна инспирира и затоа претпразничниот период е вистинско време да се најде во стрип продавниците посветен на ‘Кралицата на Божиќ’, чиј хит од 1994 година – All I Want for Christmas Is You, 25 години редовно се емитува на радиостаници за време на празници“, информираат од издавачката куќа.
Во серијата „Женска сила“, суперѕвездите на кантри-музиката Доли Партон и Лорета Лин, како и пејачките Барбра Стрејсенд и Стиви Никс, добија свои стрипови.
Стрипот за Мараја Кери со тврда и мека корица е пуштен во продажба.