Откако Португалија загуби од Мароко и не се пласираше во полуфиналето на Мундијалот во Катар, Кристијано Роналдо во емотивна порака на Инстаграм вели дека му се срушил најголемиот сон да го освои трофејот.
За португалскиот фудбалер ова е петто и последно СП во кариерата. Иако ги има сите фудбалски титули, единствената што му недостига е шампионската од едно Светско првенство.
„Мојот најголем сон беше да ја освојам титулата на Светското првенство со Португалија. Во текот на кариерата освоив многу титули и секогаш се трудев да ѝ помогнам на Португалија. Се борев за тимот, дадов сè во моите пет настапи во изминатите 16 години на Мундијалите. Никогаш не се откажав од борба и од мојот сон. За жал, вчера тој сон заврши. Знам дека многу работи се зборуваат и се шпекулираат, но јас сум посветен на Португалија. Никогаш не би го свртел мојот грб на моите пријатели и мојата држава, никогаш не би ги изневерил. Засега нема што друго да се каже. Ти благодарам Португалија, ти благодарам Катар. Сонот беше убав додека траеше…“, напиша Роналдо.
По поразот, Роналдо се расплака и беше првиот што го напушти теренот и замина во соблекувалните, а на интернет се појавија и видеа на кои тој е непријатен и груб со навивачите што пробале да му пријдат по поразот.