Таско: Се оженив пред четири месеци

Музичарот Христијан Тасковски – Таско се ожени летово по три ипол години врска. За бракот знаеја само најблиските, оти тој до сега јавно не кажа дека е женет, ниту, пак, објави слики од венчавката.

„Се оженив пред четири месеци. Знаеш, како растеш и созреваш, природно доаѓа и тоа да сакаш да се ожениш. Се венчавме во матично и сè уште сме на два ума дали да правиме свадба, ама мислам дека ќе направиме за да ги испочитуваме постарите генерации околу нас“, раскажа Таско за „Репортер“ и првпат прозборе за бракот.

Со музика се бави одамна. Иако снима хип-хоп, трап, регетон, вели дека еден ден сака да ја преработи  „Слушни ме мајко стара“ од Анета и Молика. Зборувавме и за соработката со српскиот пејач Раста која трае скоро четири години.

„Со Раста сме супер приватно, до толку што секој ден си праќаме пораки на вибер. Тој е многу нормален човек, сум бил кај него дома, ги запознав мајка му, татко му, ќерката. Познанството со него ми отвори многу врати за кои претходно не сум бил свесен дека може да се отворат“, ни кажа Таско.

Со многу страст зборува за музиката, но и за детството во Лисиче. Со другарите од маало се гледа и денес, а еден од нив му е и кум на свадбата. Но Таско вели дека никој не му е поблизок од неговиот помал брат. „Се гордее со мене”, искрен е тој.

Често оди во теретана, а после вежбање објавува фотки на Инстаграм за да ги покаже мускулите. Тогаш добива најмногу пораки од девојки на социјалните мрежи, па вели: „Не одговарам на таквите пораки. Знам зошто ми пишала, ама не сум тој тип“.

Со Таско муабетите немаат крај. Ни раскажа за последниот настап во Белград и како реагира на него српската публика, дали игра оро на свадба, сака ли пакетчиња за Нова година. Зборувавме зошто го избркале од карате клубот, ни откри дека пишувал поезија и одел на глума во школо… гледајте го видеото.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top