Биба и Сани се омажија третпат, Дац доби понуда за брак, а Тамара се разведе: 2022 беше година на љубов и разводи

Во знакот на љубовта помина 2022 година, кога на јавната сцена имаше многу свадби, но не изостанаа и разводите.

Се ожени Дац, по десет години врска Весна му предложи брак

Актерот Драган Спасов Дац по десет години врска се венча со својата партнерка Весна. Таа го изненади на неговиот 59. роденден кога во кафулето „Трибека“ дојде со вел на главата, бурми и матичар, па го побара Дац за маж. Популарниот актер се збуни, но не криеше дека е воодушевен и рече дека го прифаќа нејзиниот предлог за брак.

„Ова може само оваа лудача до мене да ми го направи, браво, сега стварно се потресов“, рече актерот.  Александар Митевски на полноќ почна да пее Happy birthday за да му го честита роденденот на Дац, а во исто време меѓу гостите доаѓа Весна со бурмите и матичарот. Таа со помош на сестрата на Дац, нејзината старосватица и Александар Митевски, тајно ја организирала целата венчавка.

Синот на Иванов правеше свадба: се венча со седум попови, свиреше рок, па го развиори знамето од Кутлеш

Иван Иванов, синот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, правеше свадба со неговата сопруга Јана. Свадбата беше со 600 гости во познат скопски хотел.

„Права македонска свадба. Но и комбинација од традиционална и модерна, со забавен дел од музиката. Имаше 600 гости меѓу кои и гости од странство“, ни раскажаа блиски на Иван за „Репортер“.

Иван и Јана првиот танц го играа на песната Wonder Of You од Елвис Присли. А веселбата започнала со традиционалните изворни македонски песни. Бендот на Роки бил за почеток, а потоа пеела Адријана Алачки. Кулминацијата на свадбата беше со преработки на стари македонски песни кога Иван со кумот и деверот го развиориле знамето со сонцето од Кутлеш. Парот го венчаше архиепископот г.г Стефан во придружба на 6 попови, а во црквата имаше и хор.

Биба Додева се омажи третпат 

Познатата пејачка и претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева, се омажи третпат. Веста за свадбата на Биба ја сподели нејзината долгогодишна блиска пријателка, поетесата Ана Бунтеска.

„Бибо моја, вечна љубов, ве сакам. Да се чувате и да си бидете столб еден на друг. Душава полна“, напиша Бунтеска на „Фејсбук“.

Благој Бочварски правеше свадба со Маринела, цело СДСМ на веселба кај министерот

Свадба правеше министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со неговата сопруга Маринела. На свадбата беа речиси сите пратеници, партиски колеги од СДСМ, министри од Влада. Меѓу гостите беше и вицепремиерката Славица Грковска, како и министерките Славјанка Петровска и Јована Тренчевска и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Се венчаше Васил Гарванлиев и објави први слики од сопругот

Пејачот Васил Гарванлиев официјално се венчаше со неговиот партнер, Џејсон. Тој објави слики и напиша „Двајца станаа едно“. За свршувачката со Џејсон, Васил за „Репортер“ изјави дека се случила на романтично патување во Њујорк и дека се случило набрзина. Се запознале кога Гарванлиев дошол во Америка и работите тргнале од прва.

„Заљубен сум и малку шокиран, стварно не очекував дека ќе ми се случи љубов. Ама како што велам, внимавај што посакуваш“, рече Васил за Репортер.

Павле Богоевски правеше романтична свадба со Александра на Водно

Поранешниот пратеник Павле Богоевски се ожени со свршеницата Александра. Свадбата ја направија на отворено во Вила Ина на Водно. Александра носеше бел фустан, додека Павле класичен црн костум и бела кошула. Павле и Александра се свршија на Хвар во Хрватска.

Павле, кој беше дел од Шарената револуција подолго време е во љубов со Александра Михаилова која е од Штип. Таа веќе три години работи на Kлиникaтa за Гинeкoлогиja, а претходно дипломирала на Медицинскиот факултет како општ лекар.

Со блех-музика и руски песни се мажеше Викторија Лоба 

Викторија Лоба правеше свадба со нејзиниот сопруг, бизнисменот Ѓорѓи Калешов. Тие неколку месеци претходно се венчаа во Охрид. Лоба и Ѓорѓи ја избраа песната All of Мe од Џон Леџенд за да го одиграат првиот свадбен танц. Мала свадбена журка, за најблиските, а Ѓоко Таневски исклучиво со забавни песни направи топ журка за друштвото. По вечерата влезе и блех-музика која ја вжешти  атмосферата. Потоа следеше „Чао бела“, која ја отпеа невестата, но и неколку руски песни. Лоба смени две венчаници, една долга и една мини.

 

Џумбуш на свадбата на Мими и Нуне од „Гранд“

Пејачката Мими Јовановска и нејзиниот избраник, трубачот Филип Нуне, правеа свадба во скопски ресторан. На свадбената веселба присуствуваа нивни блиски роднини, пријатели и колеги од македонската музичка естрада. Највесели биле младенците, па невестата се фатила за микрофон и пеела за гостите додека младоженецот свирел на труба. Мими пред неколку години беше дел од регионалното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“, каде имаше одлични настапи и секогаш поминуваше со добри оценки кај жирито.

Се омажи водителката Елена Стефановска, Никола Роквиќ ѝ направи свадбарска фешта

Водителката и авторка на емисијата „Живот со стил“ Елена Стефановска, се омажи со Бојан Најдоски. Елена носеше бела венчаница со корсет и долг вел. По црковната венчавка, веселбата продолжи во познат скопски хотел. Гостите, младенците ги пречекаа со аплауз и пиротехнички средства, а во позадина свиреше „Бела чао“. Павле Камиловски отпеа италијанска песна за првиот танц на Елена и Бојан. Гостите ги забавуваше српскиот пејач Никола Роквиќ и направи незаборавна фешта на свадбата. Забавата траеше до доцна во ноќта.

Ракометарот Филип Кузмановски под отворено небо правеше свадба

Ракометниот репрезентативец Филип Кузмановски направи голема свадбена веселба со сопругата Моника, откако лани во октомври го склучија граѓанскиот брак во Битола.  Подоцна се венчаа во црква, а потоа заминаа на свадбена веселба во еден скопски ресторан под отворено небо. Оние кои биле на свадбата велат дека за неа уште многу ќе се зборува.

Невестата носеше венчаница која ја прати линијата на телото и е со отворен грб, а Филип избра елегантен костум. Овој пат, за разлика од венчавката на која беа само најблиските, имало многу гости. Филип  и Моника  биле особено весели. Меѓу гостите, беа и ракометарите од националниот тим, меѓу кои Дејан Манасков кој и е братучед на невестата, а чест им направил и Стојанче Стоилов.

Игор Карачиќ вторпат се ожени со Душица 

Хрватскиот ракометар Игор Карачиќ и неговата сопруга, архитектката Душица вторпат правеа свадба во Мостар. Откако пред една година склучија граѓански брак и направија мала журка со најблиските, тие сега се венчаа во црква и имаа голема забава со семејствата, многу пријатели и соработници.

Душица, која лани носеше краток фустан, овој пат избра долг елегантен фустан со вел. Поранешниот ракометар на Вардар сега облече класичен костум со чевли, наместо со патики како што направи лани.

По црковната венчавка, веселбата продолжи во познат хотел во Мостар, под отворено небо. Гостите ги пречекаа младенците со балони, огномет и аплауз. Потоа се забавуваа до доцна во ноќта, а додека траеше журката објавија и по некоја фотка. Меѓу гостите имаше и спортисти, пријатели на Игор, кои дојдоа од цела Европа.

По седум години брак се разведоа Тамара и Мачка

Пејачката Тамара Тодевска се разведе по 7 години брак со сопругот Александар. Веста за разводот ја потврди и Тамара која за „Репортер“ изјави: „Да, вистина е дека се разделуваме со Мачка, но ние и понатаму ќе продолжиме да контактираме редовно. Ние имаме две деца, и секако дека тие ќе можат да растат и да го поминуваат времето со својот татко. За мене најважни се децата и моја желба е тие да останат заштитени. Ги разбирам медиумите дека сакаат да ја објават веста, но сега ми се најважни децата кои мора да останат настрана од оваа приказна. И Хана и Дарен одат на училиште, веќе не се мали, па затоа со Мачка имаме одговорност да ги заштитиме“.

Сани се разведе вторпат и се омажи третпат 

Фолк пејачката Сани Петовска се разведе со Мартин, со кого беше  2 години во брак. Двојката ја има ќерката Ева, а од претходниот брак Сани ја има и ќерката Викторија. За разводот со Мартин, Сани открива во разговорот за  Репортер.

„Сфативме дека ние двајца многу подобро функционираме како другари па затоа решивме да ставиме крај на бракот. Ја искрено, во бракот или во врска мразам гушење и јас сум човек кој си ја сака слободата“, ни рече Сани за разводот со Мартин Гроздновски кој е бодибилдер. Таа неодамна се омажи со менаџерот на хотели Никола Урдаревиќ. Фолк-пејачката со него се сврши по само еден месец врска, а зад себе веќе има два брака.

Таа објави заедничка фотографија со нејзиниот нов свршеник, Никола Урдаревиќ. Ова на Никола ќе му биде прв брак, додека на Сани трет. Никола е менаџер на хотел лоциран на Алпите.

Крај на љубовта меѓу градоначалникот Костадин Костадинов и вереницата Марија, ја раскинаа свршувачката

Градоначалникот на Струмица, Коста Костадинов и неговата свршеница Марија Десанова, по скоро две години ја раскинаа веридбата. Откако во јавноста почна да се зборува дека веќе не се заедно, „Репортер“ побара изјава од струмичкиот градоначалник.

„Приватна работа е, не ја коментирам. Благодарам на интересот“, ни одговори Костадинов.

Коста и Марија се свршија во јануари 2021 година. Костадинов, кој во тоа време беше пратеник и портпарол на СДСМ, на Фејсбук објави слика од свршеничкиот прстен и најави дека наскоро ќе прават свадба.

 

Се разведе Туна Сејдиу, пропадна и вториот брак на пејачката

Пејачката Туна Сејдиу се разведе од косовскиот пејач Патрис Бериша по скоро пет години брак. Ова е втор развод на Туна, која претходно беше мажена за бизнисменот Рилинд Река, но тој брак траеше кратко. Блиски пријатели на Туна за „Репортер“ кажаа дека таа решила да се раздели од сопругот бидејќи бракот со Патрис веќе не функционирал. Туна и Патрис се венчаа во 2017 година, а брзо потоа се роди нивниот прв син, Тиан. Лани Туна го роди вториот син Зен и тогаш на социјалните мрежи објави фотографии од моментот на породување.

Антониа Гиговска раскина со Иван

Поп-пејачка, Антониа Гиговска раскина со Иван Јованов од „Либеро бенд“ со кого беше долго време во љубовна врска. Иако двојката постојано беа заедно, споделуваа заеднички фотографии, а многумина им предвидуваа брак, тие сепак се разделија.

 

Scroll to Top