Легендарниот американски боксер Мајк Тајсон, во подкастот The Pivot рече дека најдобрите години во животот ги поминал во затвор. Објасни дека додека ги отслужувал трите години, го нашол мирот во неговиот хаотичен живот.
Кога го прашаа дали му недостига луксузниот живот, бившиот боксер одговори дека поубаво му е сега кога го има мирот.
„Луксузот не значи ништо, не ви вреди пет пари ако немате мир. Важно е да постигнете рамнотежа. Потребен ви е здрав разум за да можете да го диктирате секој дел од животот“, објасни Тајсон.
Рече дека во затворот имал дисциплинирана рутина на вежби и дека се подготвувал за да се врати во рингот. Во келијата трчал и по 14 километри во круг, а ноќта постојано скокал горе доле за да одржи кондиција. Боксерот рече дека заработил уште половина година затвор за напад на чуварите.
„Подоцна можевме да се разбрам со нив подобро“, призна тој.
За потсетување, Тајсон во 1992 година беше осуден на шест години затвор и четири години условна казна за силување на Десари Вашингтон, тогаш 18 годишната учесничка во „Мис Блек Америка“, на изборот за убавина. Од затвор излезе во 1995 година, откако казната му ја намалија на само три години.
И покрај времето минато зад решетки, неговата кариера не беше готова и ја врати шампионската титула во тешка категорија. Се бореше до 2005 година, кога одлучи дека му е време за пензија.
„Сакав да продолжам, но видов дека ме тепаат. Едноставно повеќе го немав тоа што е потребно во срцето. Не сакам да го омаловажувам спортот со тоа што ќе изгубам од секаков борец. Ова е мојот крај“, рече тогаш Тајсон за „Гардијан“.