Поранешната ѕвезда на „Гранд“, Александар Темелков, ја имаше првата турнеја во Канада. Тој за новогодишните празници пееше во Торонто и вели дека е презадоволен од настапите. Во Торонто остварил голем број познанства, а ги посетил и водопадите на Нијагара, огромниот аквариум „Рипли“ и други туристички атракции.
„Ова е мојата прва турнеја во Торонто во Канада. Бев поканет од Управата на Црквата Свети Климент Охридски од Торонто, на чело со претседателот Владе Димитриевски. За Нова година и Божик настапив во Црквата свети Климент Охридски во Торонто, со групата „Балкан ентертејмент“. Настапив со некои од моите авторски песни, но пеев и некои традиционални македонски песни. За Василица настапив и во црквата Фаунтин. Задоволен сум од тоа како поминаа сите свирки. Имаше голем број Македонци кои се забавуваа“, ни рече Темелков.
Наскоро планира и да го објави првиот албум, а веќе работи и на снимање на новите песни за вториот. Иако најмногу е познат по неговите настапи во „Ѕвездите на Гранд“, Темелков ни рече дека во иднина не планира да настапува во музички шоуа и дека сака да работи на кариерата. Досега има напишано 10 песни.