Голем број граѓани денес излегоа пред Младинскиот културен центар да протестираат во одбрана на МКЦ. На собирот имаше голем број млади музичари, уметници и љубители на музиката кои изразија незадоволство од начинот на кој се раководи со оваа институција.
Собирот го организираше колективот на млади музичари „Гола планина“ и на него настапија голем број пејачи. Раперот Никола Трпески „С.А.М.“ и музичарот Мартин Џорлев, кој е дел од „Гола планина“, рекоа дека досега во МКЦ имале голем број свирки и дека тоа мора да продолжи и во иднина.
Имаше луѓе кои дојдоа со пароли на кои пишуваше „МКЦ не е партиска цицка“ и „Културата е скапа, некултурата поскапа“. За потсетување, протестот беше најавен по смената на досегашниот в.д. директор Ванчо Богоев, а на него се собираа и потписи за зголемување на буџетот.
Организаторите велат дека буџетот на МКЦ е само 8 отсто од годишниот буџет со кој се работело и во изминатите години или само 32.000 евра. Петицијата ќе ја испратат и до Град Скопје и Министерството за култура, но засега велат дека сакаат само да соберат што повеќе потписи.
Фото: Фејсбук