Кети Пери, која е свршена со Орландо Блум, ѝ додели награда на Миранда Кер, поранешната жена на глумецот. Пејачката и манекенката се сретнаа на црвениот тепих на 20. уметничка гала G’Day USA во Лос Анџелес и покажаа дека се добри пријателки. Тие позираа пред новинарите и одговараа на нивните прашања. Откако Пери ѝ ја даде наградата на Кер, австралиската манекенка ја нарече една од своите најдраги пријателки.
Уметничката гала G’Day USA е организирана од Здружението на американски Австралијци и го почитува придонесот на Австралијците во американскиот шоу-бизнис. Миранда беше една од наградените таа вечер.
Кер и Пери уште пред неколку години открија дека се блиски пријателки. Манекенката зборуваше за нивната врска на шоуто на Дру Баримор во ноември 2020 година.
„Кога станува збор за посебни прилики каде што треба да бидеме заедно, правиме компромиси за да го најдеме најдоброто за целото семејство. Секогаш размислуваме за тоа што е најдобро за Флин, а тоа е она што е најважно“, рече тогаш Миранда и додаде дека нејзиниот син бил многу приврзан за Пери.
За потсетување, австралиската манекенка беше во брак со Орландо Блум од 2010 до 2013 година и го имаат 11-годишниот син Флин. Три години по нивниот развод, Орландо почна врска со пејачката. Тие се свршија во 2019 година, а нивната ќерка Дејзи се роди во август 2020 година.