Директорот на германската медиумска група „Аксел Шпрингер“, Матијас Дефнер изјави дека издавачот се обидува да ги зголеми приходите на весниците „Билд“ и „Велт“ и новинарите целосно да бидат заменети со системи за вештачка интелигенција.
Кратењето на работните места е неизбежно, зашто автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе направат многу од нив да станат вишок,вели директорот.
„Вештачката интелигенција има потенцијал да го направи независното новинарство подобро од кога било или едноставно да го замени. Алатки како ChatGPT ветуваат револуција во информирањето и наскоро ќе бидат подобри во собирањето информации од човечките новинари. Оваа промена е суштинска за иднината на нашата издавачка куќа. Ќе преживеат само оние кои ќе ги креираат најдобрите содржини“, напишал Дефнер во интерно писмо до вработените.
Бројот на луѓе кои ќе добијат отказ од „Аксел Шпрингер“ се уште не е прецизиран, но она што се знае е дека нема да се крати бројот на репортери, автори или специјализирани уредници.
„Аксел Шпрингер“ не е првиот издавач кој се врти кон вештачката интелигенција. Во јануари, сајтот „Базфид“ објави дека ќе почне да ја користи за да ги зголеми своите содржини, а вакви најави доаѓаат и од британските весници „Дејли мирор“ и „Дејли експрес“.
Програмата ChatGPT може да генерира високо софистицирани текстови од едноставни инструкции, создавајќи сè, од есеи и апликации за работа до песни и белетристика.
Откако беше лансирана во ноември минатата година, собра над 100 милиони корисници.