Британскиот глумец Мајкл Кејн наполни 90 години, но се уште не размислува за крај на кариерата. Вели дека премногу се забавува за да престане да глуми.
„Ако не играм стари луѓе, треба да играм мртви луѓе. Затоа бирам постари луѓе“, рече Кејн на промоцијата на својот филм „Младост“ во 2015 година.
Досега има глумено во околу 160 филмови. Некои од нив се брилијантни, а има и не така успешни. Кејн е познат како работохоличар меѓу филмските ѕвезди и вели дека многу се забавува кога снима.
Роден е на 14 март 1933. Пораснал во сиромаштија и бидејќи, како што кажа, главната цел му била да заработи многу пари, не бил избирлив околу улогите.
„Имам снимено многу глупости“, отворено призна во едно интервју.
Со глума почнал да се занимава во средина на педесетите години. Почнал со мали театарски и телевизиски улоги. Првата голема улога ја остварил во филмот „Зулу“ од 1964. Три години подоцна првпат бил номиниран за Оскар, за „Алфи“. Потоа следеа уште две номинации.
Беше награден и за најдобра машка споредна улога во „Хана и нејзините сестри“ во 1987, а вториот Оскар го доби во 2000 за „Животот нема правила“. Од 1973 е во брак со втората сопруга Шакира Кејн, со која има едно дете.
„Без неа, одамна ќе бев мртов. Веројатно ќе се опиев до смрт“, кажа Кејн, откривајќи дека во почетоците на кариерата пиел шише вотка на ден. Неговиот најнов филм „The Great Escaper“ треба да излезе оваа година.