Пилоти се суспендирани затоа што пиеле кафе и јаделе слатки на контролната табла

Приватна индиска авио-компанија „Спајсџет“ ги суспендираше двајцата пилоти кои за време на летот пиеле кафе и јаделе слатки на командната табла во пилотската кабина. Компанијата ги открила откако и двајцата објавиле фотографија, која за брзо почнала да се споделува на интернет.

Тие полетале од Делхи, а кога се сликале биле на височина од 11,2 километри. Фотографијата предизвика бурни реакции, а индиската регулаторна агенција издаде предупредување до авиокомпанијата.

На сликата се гледа логото на авиокомпанијата на картонска чаша, која ја ставиле на контролниот стап. Пилотите, кои не се гледаат на фотографијата, уживаат во традиционалниот деликатес од тесто послужен на хиндускиот празник Холи, пишува „Би-Би-Си“.

„Дури и најмали турбуленции и истурање кафе на електрониката може да ги оштети системите. Ова е криминален чин“, рече експертот за воздухопловство, Мохан Ранданатан, кој ја сподели сликата на „Твитер“.

Правилата на индиското воздухопловство им дозволуваат на пилотите и на екипажот да имаат храна и пијалок во пилотската кабина, но под строги услови. На пример, сите чаши мора да имаат капаци и да седат на послужавник за да се избегне истурање.

 

 

Scroll to Top