Високо доверливите документи кои протекоа од Пентагон и беа објавени на интернет во последните неколку недели, откриваат дека САД подеднакво ги шпонирале и сојузниците и непријателите.
Високи американски официјални лица сега стравуваат дека ваквата ситуација може да се загрозат надворешните односи на САД со некои од нивните сојузници.
Еден од документите се однесува на конфликтот меѓу Русија и Украина и за наводно шпионирање на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Некои од документите за кои американските официјални лица велат дека се автентични, го откриваат размерот на прислушување на клучните сојузници, меѓу кои и Јужна Кореја, Израел и Украина.
Други го откриваат степенот до кој САД продреле во руското Министерство за одбрана и руската платеничка организација „Вагнер“, главно преку пресретнати комуникации и извори, кои сега може да се загрозени.
Има и такви кои ги откриваат клучните слабости во украинското вооружување, противоздушната одбрана, како и на големината и подготвеноста на баталјоните во критичните точки на војната.
Клучните слабости се однесуваат на украинските сили во моментите кога се подготвуваат да почнат контраофанзива против Русија и баш кога САД и Украина почнале да развиваат однос на меѓусебна доверба во однос на споделувањето на чувствителни податоци.
Украина веќе промени некои од нивните воени планови поради протекувањето на информациите, рече за „Си-ен-ен“ извор близок до украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Документите се појавиле на платформата на социјалната мрежа Discord. Во прашање се фотографии од стуткани документи, објавени во некои списанија и опкржени со предмети како на пример чанти.
„Се чини дека биле набрзина преклопени и турнати во некој џеб, пред да бидат земени од безбедното место“, рече за „Си-ен-ен“, извор запознаен со случајот.
Портпаролот на Discord потврди преку соопштение во неделата дека соработуваат со органите за спроведување на законите во истрагата. Американските сојузници, сега прават проценка на штетата и се обидуваат да утврдат дали некои од нивните извори и методи се загрозени со протекувањето на овие информации.
„Очекуваме САД да ја сподели со нас процената на шетата во наредните денови, но не можеме да чекаме на нивната проценка. Ние во моментов го работиме нашето“, рече официјален претставник од земја која е дел од аранжманите во размена на известувачки податоци со САД.
Меѓу земјите кои разменуваат податоци со САД се, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Велика Британија.
„Ги пребаруваме овие документи за да откриеме дали било кој од известувачките податоци потекнува од нашата колекција“, рече претставникот.
Друг официјален претставник ја изрази загриженоста од протекувањето на воените информации за Украина. Истакна дека алармантен бил еден од документите од февруари, под името „Русија-Украина: Војната за регионот Донбас, веројатно ќе води во застој во 2023 година“.
Во документот се наведуваат предизвиците во проценката на одржливоста на украинските операции. Добивката за Украина ќе биде тешко да се постигне, но не помага јавно да се открие приватната американска проценка која укажува на веројатен едногодишен застој“, рече официјалниот претставник.
„Си-ен-ен“ прегледа 53 документи кои протекоа, но се чини дека сите се од средината на февруари до почетокот на март. Еден документ открива дека САД го шпионирале и Владимир Зеленски.
„Тоа не е за изненадување“, рече извор близок до украинскиот претседател, но додаде дека украински официјални лица се длабоко фрустрирани поради протекувањето на документите.
Извештајот на американското разузнавање, кој потекнува од Signals Intelligence, се вели дека на крајот на февруари Зеленски предложил напад на руски локации во регионот Ростов и тоа со помош на беспилотни летала, бидејќи Украина немала оружје со долг дострел способно да достигне толку далеку.
Во врска со тоа, друг разузнавачки извештај вели дека Кина може да ги искористи украинските напади врз цели длабоко во Русија како можност да го позиционира НАТО како агресор и да може да ја зголеми својата помош за Русија ако смета дека нападите се значајни.
Михаил Подлјак, советник шеф на Канцеларијата на претседателот на Украина, во петокот преку каналот на „Телеграм“, рече дека верува дека документите кои се дистрибуирани се неавтентични и дека немаат врска со реалните планови на Украина и дека се засновани на голема количина на фиктивни информации, кои ги ширела Русија.
Друг документ во детали го опишува разговорот помеѓу двајца високи јужнокорејски функционери за национална безбедност, за загриженоста на Советот за национална безбедност на земјата во врска со барањето за муниција на САД.
Официјалните лица се загрижени дека снабдувањето со муниција, која САД потоа ќе ја испратат во Украина, ќе ја наруши политиката на Јужна Кореја да не доставува смртоносна помош за земјите во војна.
Според документот, еден од официјалните лица тогаш предложил начин да се заобиколи политиката без да се менува, со продажба на муниција на Полска. Документот веќе предизвикал контроверзии во Сеул, а јужнокорејските власти на новинарите им рекле дека планираат да го покренат ова прашање со Вашингтон, пренесува „Њујорк тајмс“.
Официјални лица од други земји, исто така, планираат да го покренат ова прашање со Вашингтон, но сè уште не ги одржале тие разговори бидејќи чекаат да видат што ќе каже администрацијата на Бајден за објавените документи во наредните денови, велат повеќе дипломати.
Известувачки извештај за Израел во меѓувреме предизвика негодување во Ерусалим. Во извештајот кој го изработила ЦИА и кој е набавен од известувачките служби, се вели дека главната израелска известувачка агенција Мосад, ги охрабрила протестите против новата влада во земјата, вклучувајќи неколку експлицитни повици на акција“, стои во извештајот.
Канцеларијата на израелскиот премиер во неделата утрото одговорила во името на Мосад, нарекувајќи го извештајот лажен и без никаква основа.
„Мосад и неговите високи функционери не го охрабруваат персоналот на агенцијата да се приклучи на антивладините демонстрации, политички демонстрации или какви било политички активности“, се вели во соопштението.
Друг доверлив документ, исто така добиен од известувачките служби, го пренесува разговорот за тоа како САД ја проценува политиката кон неговите сојузници и како можат да го извршат своето влијание за да ја променат. Во документот со наслов „Израел: Патеките за обезбедување смртоносна помош за Украина“, се вели дека Ерусалим веројатно ќе размисли за обезбедување смртоносна помош под зголемен притисок на САД или забележана деградација во односите со Русија.