Македонската пејачка Бојана Скендеровски ја претстави песната „Тука сме“, посветена на децата од ЈУ Детски дом „11 Октомври“ во Скопје. Музичкиот проект е создаден по повод 80-годишнината од постоењето на установата.
Во снимањето учествувале деца од домот „11 Октомври“ и од дневниот центар „Доза среќа“, како и детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола. Со песната, Скендеровски сака да испрати порака дека секое дете заслужува да биде видено, слушнато и поддржано.

Бојана, која е амбасадорка на хуманоста на домот, зборуваше за средбите со децата и за важноста јавноста да ги запознае како личности со сопствени желби и таленти.
„Не сакам да зборуваме за нив како за деца на кои нешто им недостига, туку да ги запознаеме како личности со свои соништа, таленти и желби“, порача пејачката.
Децата дел од музичката приказна
Музиката и аранжманот за „Тука сме“ се на Димитар Андоновски, кој ги потпишува и миксот и мастерингот, додека текстот е на Тина Иванова. Видеото е реализација на „Скендеровски продукција“.
Учеството на децата од домот и дневниот центар, заедно со хорот „Ѕвончиња“, е дел од пораката на проектот – нивните гласови да бидат присутни и слушнати преку самата песна.
За Скендеровски, проектот е поврзан и со нејзиниот ангажман како амбасадорка на хуманоста на установата. Таа вели дека средбите со децата за неа се можност да се запознае со нивните приказни и да укаже на потребата од внимание и поддршка.
Песната и видеоспотот се објавени по повод јубилејот на Детскиот дом „11 Октомври“, кој годинава одбележува осум децении постоење.
Извори: СМАРТ – СДК.мк и Курир.






