Во мај ќе се одржи 35.издание на Меѓународниот Саем на книга, кој ќе се одржи под мотото „Мирисот на новата книга ја најавува пролетта“.
„Годинешното издание на еден од најомилените саеми во државата, ќе се одржи од 4-ти до 10-ти мај, во Арена „Борис Трајковски“, каде „мирисот на нова книга“ на изложените штандови на над 50 учесници, во кои се вбројуваат најуспешните македонски издавачки куќи, – се проектира да привлече илјадници љубители на чувството да се поседува и подари нова книга“, информираат организаторите.
Во календарот на најзначајни културни македонски настани, централното место со децении му припаѓа токму на „Саемот на книгата“, – најомилениот период од годината кога ѝ посветуваме посебна љубов и грижа на личната домашна библиотека или пак кога ја зачестуваме навиката да пронајдеме и подариме нови книги на најблиските. Најголемата манифестација посветена на книгата на национално ниво, која во месец мај ќе претстави голем број наслови од сите континенти во светот, – се занимава со промоција на книжевното творештво и љубовта кон пишаниот збор, како и културна размена и иницирање актуелни литературни и општествени прашања.
Во рамките на серијалот „Саеми во пролет“, Скопски Саем со поддршка од Министерството за култура на РСМ, како Покровител на саемот го организира 35. Меѓународен Саем на книгата, кој годинава се одржува под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“.