Гостиварскиот рок-поп бенд „Саундчек“ има нова песна „Доцна е за сè“. Групата се формирала во 2015 година кога оригинално започнала како трио од две акустични гитари и вокал, но подоцна со приклучувањето на уште еден член на ударни инструменти официјално се трансформирале во квартет.
Песната „Доцна е за сè”, гупата неодамна ја промовираа на нивниот јутјуб канал. Песната е авторско дело на бендот „Саундчек“, аранжманот е на гитаристот и музичар Дамир Пух од скопското GreenRoom Sound Studio.
„Спотот исто така го работеа креативни и амбициозни луѓе од Гостивар, Александар Нешкоски, Виган Демири, и Ајдин Ислами, а и главната улога исто така и припадна на Ивана Мерџаноска актерка од театарот „Дунек” во Гостивар, така што можеме да се пофалиме дека ова е 100% гостиварски “производ”. Оливера Атанасоска и Дејан Сидор се екипата која се погрижи за нашиот стајлниг во спотот, и направија приказната одлично да се вклопи во целост“, изјавија „Сауднчек“ за Репортер.
Репортер: Колку вашите сограѓани од групата Ареа ви беа инспирација или поттик да формирате бенд?
Саундчек: Сите од нас израснаа со АРЕА, ги знаеме и како наши сограѓани гостиварци, и по многуте хитови од нивните албуми почнувајќи од нивниот најголем хит „Сите мои слики“, па се натаму. Секако дека помеѓу бендовите од кои црпиме инспирација и мотивација се наоѓа и АРЕА.
Репортер: Нови сте на македонската музичка сцена. Што мислите дека треба да поседува еден бенд за да и се наметне на публиката?
Саундчек: Пред се оригиналност, идеја, визија, амбиција, и на крајот креативност. Сметаме дека слушателите се оние кои секогаш знаат да препознаат оригиналност во идејата, па потоа следат работи како што се талент, многу работа, посветеност и секако барем некое основно знаење за музиката.
Репортер: Имате ли свирки, каде се настапувате, сте биле ли досега дел од некој поголем музички хепенинг?
Саундчек: Најчесто настапуваме на домашен терен во Гостивар како и во околните градови што ни се најблиску како Тетово и Скопје. Досега не сме биле дел од некој поголем музички хепенинг бидејќи сакаме да одиме чекор по чекор, оставаме работите да се случат сами по себе.
Г.Д