Интервју со Жељко Бебек: Во Скопје првин ќе пиеме по една жолта, а потоа ќе правиме спектакл со рокенрол

Жељко Бебек, конечно, во Скопје и, конечно, ќе пее безвременски хитови во живо. За верните обожаватели на „Бело дугме“, бендот бил оној вистинскиот само во времето на Бебек. Тој вели дека тоа се прекрасни времиња, но дека и денес не жали што замина од бендот и почна соло кариера. Лани наполни 77 години, вели не им се дава на годините оти неговиот живот е рокенрол. Среќен е со 34 години помладата Ружица, која ја запознал кога таа имала 18 години, а тој 52.

Двојката имаат син и ќерка и среќен брак. Утревечер и в среда, Бебек, во организација на „Авалон продукција“, ќе одржи два концерта во Скопје, во Филхармонијата, со својот бенд.

*Жељко Бебек, конечно, во Скопје и, конечно, ќе ги слушаме безвременски хитови во живо… Па каков ќе биде концертот?

Бебек: Драго ми е што по многу години имам концерт на кој ќе се претставам во најдобро светло пред мојата драга македонска публика, која многу ја засакав во текот на мојата кариера. Покрај песните што го отпеав за овие четириесет години, секако дека ќе пеам и песни од времето на „Бело дугме“.

Но, сакам да кажам дека оваа пролет настапувам во големите градови во светот. Почнавме во Канада, па во Австралија, а по Скопје, одиме во САД. Налето ќе патуваме низ Хрватска. Веќе добивме одлични коментари за оваа турнеја и голем одѕив од публиката. Се надеваме на такво нешто и за концертите во Скопје.

* Што правите обично кога доаѓате во Скопје? Колку ви се допаѓа македонската храна или македонското вино, можеби ракија?

Бебек: Струмица, Охрид, Битола, секогаш е задоволство да се пее за публиката и со публиката во Македонија. Имав посебно искуство во Скопје во 2022 година кога ми беше врачена наградата за животно дело на „Златна бубамара на популарноста“, а потоа запознав многу македонски колеги музичари. Секако, кога сум во Скопје, одам во македонските кафеани и со должна почит кон мајсторите на гастрономијата. Многу сакам македонски вина и ракија, а особено жолта.

*50 години на музичката сцена. Кога и како решивте да се занимавате музика, кога рокенролот ви влезе под кожа?

Бебек: Лани во Хрватска ја објавив автобиографијата „Бебек за инает на сите“ и во неа е целата моја приказна, и за мене и музиката. Еве само ќе кажам дека со музика сум и дење и ноќе. Сите овие години врзани со невидливи и нераскинливи нишки. Рокенрол е сè што можам да кажам за мојот живот.

*Какви спомени имате кога станува збор за „Бело дугме“?

Бебек: Тоа беа прекрасни времиња, нешто што беше навистина одлично. На овие простори сите се сеќаваат на промените што се случија со „Бело дугме“ и нашата музика со која живееја и растеа генерациите.

* Како гледате на „Бело дугме“ денес, дали напуштањето на бендот во раните осумдесетти беше грешка или не?

Бебек: Сè уште не знаеме чија е грешката. Но, знам дека „Бело дугме“ или она што остана од него нема ниту една нова песна триесет и пет години. Бебек за тоа време сними десет албуми.

* Во текот на сите овие години Вашата сопруга Ружица беше Ваш најголем поддржувач. Како почна љубовта?

Бебек: Случајна средба, љубов на прв поглед, свадба, потоа се родија нашите син и ќерка, а другото… па сè е љубов и музика.

*Која песна ѝ ја посветивте на сопругата?

Бебек: „Најубава за мене“, песна која е на последниот албум „Мал облак на љубовта“, онаа што беше создадена за време на пандемијата во 2021 година.

*21 година во брак! Кој е рецептот за хармоничен брак?

Бебек: Немам рецепт за добар брак. Или се случува или не се случува. Мене ми се случува.

*Дали по сите овие години, вредеше да се биде Жељко Бебек?

Бебек: Бебек е сè што ме опкружува во мојот свет. Сè е рокенрол. А дали се исплатело, па не знам, мислам дека да, но ете проценете сами!

Александра Георгиев

Scroll to Top