Новак Ѓоковиќ ќе игра на Ју-Ес Опен откако Вашингтон потврди дека од странските патници веќе нема да се бара потврда за вакцинирање против ковид-19. Најдобриот светски тенисер поради ова правило мораше да ги пропушти неодамнешните мастерс турнири во Индијан Велс и Мајами.
САД ќе ја променат својата политика на 12 мај, со што Ѓоковиќ ќе може да игра на последниот гренд слем турнир во август.
„Денеска соопштуваме дека администрацијата ќе го укине барањето за задолжително вакцинирање против ковид-19 за федералните работници и странските патници на 11 мај, истиот ден кога завршува вонредната состојба во јавното здравство во земјата“, соопшти Белата куќа.
Ѓоковиќ го освои Отвореното првенство на Австралија во јануари, една година откако беше депортиран од земјата зашто не беше вакциниран против ковид-19. Овој месец на Ролан Гарос, тој ќе се обиде да ја освои рекордната 23. гренд слем титула.