По подолга пауза поп-рок пејачката Кристина Арнаудова се врати на музичката сцена со нејзината нова песна „Засекогаш“. Арнаудова, долго ја немаше на сцената, а изминативе 7 години таа се занимава со хуманитарна мисија. Преку „Проектот среќа“ досега им помогна на многу деца од социјално загрозени семејства, а беше голема амбиција и да се реализира емисијата „Проект куќа со Кристина“, единствена кај нас. Во меѓувреме Арнаудова се соочи со сериозен проблем, откако и беше хакиран Фејсбук профилот, на кој за жал сè уште се објавува порнографска содржина и проблемот сè уште не е решен. Настрана профилот, новата песна од Арнаудова е вистинско освежување на музичката сцена, како и нејзиното враќање. Во интервју за Репортер зборуваме за новата песна, љубовта кон музиката, некогаш времињата кога македонската музичка сцена беше во подем, идните планови.
*После колку време имаш нова песна?
Па после „Љубена“, и во меѓувреме неколку хуманитарни песни, што значи многу, веројатно. Но со оглед на тоа дека немав намера да се враќам, да снимам и да ме има, тоа воопшто не ме загрижуваше. Бев во период кога апсолутно немав желба да бидам дел од јавниот живот и тоа го направив сосема свесно. Бев посветена на хуманитарната работа во „Проект Среќа“, работев, креирав и продуцирав проекти за децата на кои им требаме и тоа ми беше доволно. Дури ни за тоа не се експонирав. Едноставно, јас сум сосема нетипичен претставник на естрадата. Немам желба да бидам популарна како лик јас, туку моите дела, без оглед дали се музички или хуманитарни.
* Зошто конечно реши да се вратиш на музичката сцена?
Ова прашање има неколку одговори. Велев дека ќе снимам повторно само ако се појави песна која не можам да ја одбијам. Весна Малинова, со која работевме можеби на моите најзначајни песни, и најголеми хитови, во меѓувреме реши да прави песни и секој месец ми пушташе по една. Рече, додека не се случи таа, со која срцето ќе ти запее ќе ти правам песни. Верувајте направи неверојатни песни кои со тешко срце ги одбивав. Но, едно утро додека си разговаравме и пуштив една песна која мене многу ми се допаѓа, и таа само рече, чекај, ќе те барам за некое време. За нешто повеќе од саат ми ја пушти „Засекогаш“. И реков, сега стварно направи проблем. Ова е толку добро, што не знам како да ти кажам не. И така, решив да ја снимам. Се потоа се случуваше спонтано. Седевме со Билбилов на кафе, јас, Весна и Робин Зимбаков, и Робин, кој на секое наше кафе пиење велеше, ’ајде влегувај во студио‘. Тој ден ни рече ајде станувајте и одете во студио, снимајте ја конечно песната. Станавме и влеговме во студио сосема растоварени од она дали ќе биде хит, како да ја направиме и слично. Роберт имаше одврзани раце да ја пушти целата своја креативност на максимум, и кога тој влезе во песната даде една скроз нова енергија. Јас влегов да пеам, и тоа е тоа. Песната стоеше скоро една година готова. Не знаев дали да ја пуштам. Не знаев дали сум спремна и дали сакам да се вратам на сцена иако имав одлична песна. Но тие постојано како ветер во грб беа зад мене, и ме потсетуваа, ајде ајде, мораш, фалиш, ова не смее да остане во фиока … И ете ја денес „Засекогаш“ пред вас.
*Какво е чувството после подолго време да снимаш, да сликаш фотосесија?
Сум кажала повеќе пати дека ако е можно да снимам музика, без притоа да се сликам појавувам на ТВ, и да снимам видеа за мене би било идеално. Но тоа не постои. Така да решив промоцијата да ја направам како што треба. Стефан Соколовски, направи одлична најавна фотосесија за синглот, од која сум навистина задоволна. Но, во исто време не ми се веруваше дека го правам тоа. Во мојата глава беше одлучено дека нема веќе да се занимавам со естрада, па ова му дојде како изненадување, најмногу за мене. Но кога го видов производот, на се, комплет, сфатив дека можеби не требало толку многу да чекам. Кога еднаш во животот си го правел тоа, толку долго време, тоа не може туку така да исчезне. Постои во тебе, колку и да сакаш да го закопаш во минатото, понекогаш …
* Ти се разбудија ли спомените на некои други времиња кога македонската музика беше во подем, а ти дел од таа плејада музичари?
Животот треба да се живее овде и сега, не сум носталгичар кој зборува за минатото. Кога јас почнував немаше ништо од ова што го има сега, социјални медиуми, лесна достапност на информации, брза комуникација … Сега секој може да стане познат за 7 дена, ако објавува тоа што публиката сака да види. Златните години на македонската музиката беа од 2000 до 2010, кога за среќа јас бев најактивна во кариерата. Тоа беше време кога деца стоеја пред зграда да добијат автограм, оставаа мечиња и подароци пред врата, кога достапноста на „ѕвездите“ не беше лесна како денес. Не можеше секого да видиш и да комуницираш со него кога ќе посакаш.
* А, сега, како е сега ?
Сега е новото време, сите се достапни на еден клик, знаеме што јаделе, пиеле, со кој биле, каде, зошто, а најмногу знаеме како тие сакаат да се претстават пред нивните фанови, не такви какви што се, туку такви какви што сакаат да бидат видени. Затоа сметам дека ова време е во голема мера лажно. Но, такво е и ние можеме да се адаптираме, или повлечеме, секој го има својот избор. Балканот ова ново време имам чувство дека го искористи на сосема погрешен начин, ги прифативме сите лоши нешта, промовирајќи промискуитет, лесно заработени пари преку добар изглед, насилство и дрога преку музика, и тон на неталентирани артисти кои стануваат популарни само заради тоа што во музиката вклучуваат криминал, дрога и насилство.
Бидејќи е ова актуелна тема, еве, кажете ми, како се развива еден млад мозок кој секојдневно го слуша и гледа тоа. Нормално, сакаат да бидат како нивните идоли, а нивните идоли се криминалци, наркомани, кои жените во нивните видеа ги третираат како парче мебел, без никаква почит, како сексуални објекти и ништо друго, настрана муабетот дека жените артисти и самите се претставуваат како сексуални објекти, па гледаме вирални видеа како скоро голи собираат бакшиш … Ете со такви идоли растат деца и младина. Што очекувате дека ќе стане од тие денес млади луѓе? Научници, иноватори? … секоја чест на исклучоците, кои се за жал, веќе многу малку.
Што и фали на домашната сцена
Не сум ја проучувала и не знам. На сцената генерално и фали поддршка од медиумите. Телевизиите од 2010 наваму престанаа да работат забавни емисии, музиката скоро да ја нема освен во многу мали количини, радијата се опседнати со хрватски, српски, босански изведувачи, а има многу млади и постари изведувачи кај нас кои прават одлична музика, но ја немаат својата шанса и простор. Три емисии не прават промоција. Од друга страна, народот вели дека сака македонска музика, но најголеми ѕвезди за нив се сè уште гостинските изведувачи, кои ги слушаат и знаат на памет. И потоа истите зборуваат за родољубие, македонски јазик, македонска култура, а свесно сето тоа самите го газиме, генерално, како народ. Од секогаш сме биле такви, не од сега. И за жал не верувам дека тоа ќе се смени.
Колкава поддршка доби од сопругот, а што ти кажаа синовите?
Кај нас дома не се крена голема врева околу моето враќање во музиката, децата беа малку изненадени, особено помалиот, кој многу малку знае дека се занимавам со музика. Не сме како останатите, децата не ги знаат сите мои песни на памет и не ми се фанови. За нив сум само мама. Мојот сопруг сака кога пеам, но исто така знае дека ова го правам најмногу за себе, и без никакви очекувања. Особено заради тоа што многу пати сме зборувале на темата дека вистинска сцена овде нема, и занимавањето само со музика во Македонија, е руски рулет. Ние сме мала држава, и секој кој се занимава со музика овде, треба да е свесен дека тоа нема да трае вечно, и дека мора да има и друга професија, знаења, диплома, фирма, вработување …
*Целиот твој снимен материјал и сите албуми, твои можат да се најдат, слушаат и стримуваат на сите музички дигитални платформи. Ќе има ли нов албум можеби?
Да, тие се мои застапници за дигитални платформи, и благодарение на нив целата моја музика сега е достапна глобално. За нов албум не сум размислувала. Албумите се во изумирање, сите работат на синглови сега. Помина времето на снимање албуми со 12 песни од кои едвај 4 ќе станат хитови, а другите треба да ги фрлиш во вода. Годинава е 20 години од мојот прв албум „Возови“ па можеби ќе направам нешто да го одбележам тоа. Но во моментов ништо конкретно, само некои идеи кои засега остануваат во мојата глава.
* Што се случи со профилот, уште ли ти е хакиран и какво е чувството да знаеш дека од твојот профил се објавуваат вулгарни содржини?
Да, од минатата година, а веќе одредено време на стори оди порнографска содржина. Немам достапност до него, и жал ми е, ама ете, тоа и мене ми се случи. Пријавено е секаде, и сите рекоа дека работат на проблемот, но еве, проблемот сè уште постои.
* Како реагираше ти кога виде дека е хакиран?
Па се шокирав, реагирав како и секој друг што би реагирал. Пријавив секаде, ама залудно. По некое време се откажав, но се ангажирав пак кога почнаа со непристојните содржини, затоа што има луѓе што мислат дека јас тоа го постирам. Значи, не, не сум јас, уште еднаш да кажам.
* Седум години се занимаваш со хуманитарна мисија, а преку „Проектот среќа“ досега им помогна на многу социјално загрозени семејства. Кои се идните планови?
Се работи на тековни проекти, кои секоја година ги имаме, но и нови. Се што работи Проект среќа можете да видите на нашата ФБ страница и на инстаграм. Се работи за големи проекти, кои годишно помагаат на над 2000 лица.
Што се случува со Проект куќа со Кристина
Проект Куќа со Кристина беше убава идеја, и реализација, која мораше да заврши бидејќи не доби поддршка од македонските компании и спонзори, па ни од медиуми. Но, сепак сум горда на тој проект, кој сосема сама го смислив и реализирав. Се работи за веројатно најскапата ТВ емисија досега работена во земјава, со оглед на тоа што работев, каде една епизода чинеше од 10 до 30 илјади евра во материјали за градба и опремување домови. Тоа беше ужасно тешко да се најде, добие како донација и организира, со оглед на тоа дека тоа беше хуманитарна емисија, каде сè се работеше со донации, освен неколку спонзори кои беа во секоја епизода, но учествуваа со материјали, и покуќнина, не со средства и пари, без кои за жал не можевме да продолжиме.
Александра Георгиев
Фотографии: Мартин Шишковски