Тинејџерот кој го изврши масакрот во Белград не се кае, ги прашувал лекарите само дали е популарен

Тринаесетгодишниот тинејџер кој го изврши масакрот во училиште во Белград, ги прашувал лекарите во институцијата каде е сместен, дали е популарен на социјалните мрежи, пренесуваат српските медиуми. Во ниту еден момент не се интересирал за жртвите велат лекарите.

„Дали зборуваат за мене. Дали сум цар на мрежите?“, ова биле наводно прашањата кои им ги поставувал на персоналот на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца, каде тој е сместен, откако минатата среда уби осум ученици и чуварот, пренесува „Република.рс“.

Како што открива извор од установата во која е затворен, тој во ниту еден момент не се интересирал за учениците и не покажал трошка сочувство после сè што се случи.

„Секој ден барем по еднаш прашува што се случува надвор, дали зборуваат за него, што зборуваат, особено што пишуваат на социјалните мрежи. Го држи некаква возбуда. Тој сè уште не е свесен што направил“, открива изворот.

Момчето се наоѓа под постојан надѕор на персоналот. Со него разговарале советот на лекари, а и претходните денови му биле направени неколку прегледи. Но, и понатаму не покажува никакви знаци дека се кае за тоа што ги убил школските другари, како што не покажа ни додека даваше изјава.

За потсетување, тинејџерот за масакрот се подготвувал месец дена, како што и самиот кажа, но и како што покажало вештачењето на неговиот телефон. Утврдено е дека на интернет го пребарувал Кривичниот законик на Србија за да истражи дали децата можат кривично да одговараат.

Бидејќи во јули ќе наполни 14 години, го забрзал планот. Утврдено е дека пред убиствата гледал и американски блокбастер за масакрот во школо во САД.

 

Scroll to Top