Александар Тошев е стилист од Струмица, кој веќе десет години шминка и прави фризури. Тој често е во друштво на познатите македонски и пејачките од регионот. Често се потпишува како стилист на фолк-пејачката Сузана Гавазова, но и приватно тие се многу добри пријатели.
За соработките со познатите, Александар вели „најчесто тие ме бараат мене“ или тоа оди преку тоа што оставил добар впечаток, па соработката продолжила или по препорака од некоја втора или трета личност.
Драги му се соработките со познатите од македонската сцена, но сака да работи и со девојки на кои им е потребен стилист кој ќе застане зад нив како нови музички ѕвезди.
„Имам доста соработки со Сузана Гавазова, Наде Талевска, Сања Цинцева и многу други млади надежни ѕвезди кои допрва ќе се докажат на македонската музичка сцена. Сега последно работам со Славица Ангелова којашто доста е присутна во македонските медиуми музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. Пред неполна недела имав соработка и со Јелена Томашевиќ, пред неколку години и со Сенидах“, раскажа Александар за Репортер, кој исто така работи и на фотосесии со познати дизајнери и модели.
Со Сузана Гавазова соработува веќе 4 години, и вели дека ваквата соработка резултирала со одлични стајлинзи настапи, видеа и фотосесии.
„Дружбата е неизбежна. Често се дружиме заедно да не кажам скоро секој ден. Што би рекле повеќето, а и јас почесто мојата втора мајка. Често знае да ми зготви некое омилено јадење, и да ме покани на вечера. Како што гледате по нејзиниот инста профил доста често готви“, вели Александар.
Често патува поради работни обврски, а повеќето настани му се поврзани со Гавазова. За неа вели дека е добар пријател и професионална во својата работа.
„Честопати можат да не видат заедно додека ја средувам и потоа следува некое стори на Инстаграм каде веќе сме на пат на некој настан. Доста интересни моменти за памтење имаме додека патуваме. Таа е македонска мајка. Знае да прифати совети и критики, а и ја исто. Има баланс меѓу неа и мене, може и затоа добро соработуваме“, раскажа стилистот Тошев.
Александар се смета за поразличен од другите стилисти поради тоа што сака да работи нешто екстравагантно, ново и невидено и остава да работи имагинацијата и креативноста. Тој школувањето го завршил во Рим на една од најпрестижните академии таму „Мод Академи“ и станал првиот бренд амбасадор на Алфа Парф Милано за Македонија.
Во салонот на Александар, доаѓаат самоиницијативно девојчиња за да ја скратат косата, а потоа да ја донираат на децата болни од рак. Таков беше случајот со малата Стефани.
„Тоа е интересно и едукативно за малите деца. Чести се таквите потстрижување во моето студио. Досега сум ги имал преку 30 од кои повеќето се мали девојчиња коишто веќе се свесни за таа постапка и дека самиот гест ќе израдува некои други девојчиња на нивна возраст кои боледуваат од рак“, раскажа Александар за гестот на младите деца.
За најубаво стилизирани девојки во Македонија, Александар ги одвои неговите струмичанки, вели тие се едните од најсредените девојки.
„Во последните неколку години можам да видам дека до секој ситен детал се занимаваат како изгледаат прифаќаат критики и што е најважно кога доаѓаат кај мене се препуштаат во мои раце. Има доста струмичанки коишто ја следат високата мода и ја разбираат и тоа ме радува“, вели Александар.
Оваа пролет тренди коса е долга блонди.
„Долгата и плава коса без конкуренција секако има исклучоци и различности што е за пофалби ама секогаш во пролет прво нешто што се помислува е да се осветли косата и да се скрати. Повеќето тренди бои коишто беа во минатата година ќе бидат и оваа. За мене искрено една од најубавите бои ми е бебешко светла, нијансирана“, вели стилистот Тошев.
Стилистот од Струмица со совет до идните матурантки.
„Да бидат пред сè свои, да се држат до себе и сопствениот стил и да имаат самодоверба. Само така ќе бидат забележани и убави. Бидете оригинални само така некој некогаш ќе ве забележи“, советува стилистот Тошев.
Г. Додевска