Актерката Меган Фокс (37), претприемачката и телевизиска личност Марта Стјуарт (81), трансродовиот музичар Ким Петрас (30) и моделот и актерка Брукс Надер (28) се ѕвездите на овогодинешното специјално издание на магазинот Sports Illustrated посветено на костими за капење. Многу убави жени низ годините ги красат насловните страници на овој специјал. Меган Фокс, чија фотографија во костим за капење направен од морски школки поврзани со синџири од монистри, која во најавата за специјалниот SI предизвика најголемо внимание, сраскажа за животот со телесна дисморфија, ментално нарушување со кое се справувала отсекогаш. Телесно дисморфно растројство експертите го опишуваат како преокупација со замислена маана во физичкиот изглед или прекумерно искривено искуство на некои незначителни физички дефекти. А кога ваквото искривено доживување на сопственото тело предизвикува потешкотии во кој било сегмент од животот, тогаш тоа се смета за психичко нарушување.
Актерката, за која се вели дека е една од најубавите жени во Холивуд, рече дека никогаш не се чувствувала добро во своето тело, никогаш не се сакала себеси и секогаш правела нешто за да и биде поудобно во сопствената кожа.
Ѕвездата на „Трансформерс“, разговорот го започна буквално со зборовите – „Имам телесна дисморфија. Не се гледам себеси како што другите луѓе ме гледаат мене“. Актерката рече дека никогаш не се чувствувала самоуверена гледајќи се во огледало. “Не постои момент во мојот живот кога го сакав своето тело , рече таа. Таа додаде дека проблемот започнал многу рано. „ Уште кога бев мала бев опседната со својот изглед, се прашував „Треба ли да изгледам вака?“, вели и таа и додаде дека проблемот не е во нејзината околина и притисок. „Пораснав во многу религиозно семејство, телото никогаш не беше важен фактор во животот“. Меган заклучила дека нема да престане да се грижи за својот изглед до крајот на животот. „ Мојот пат кон поголемо самосакање никогаш нема да заврши, мислам“, рече таа.
Актерката, која моментално има неколку проекти, меѓу кои и улога во „Платеници 4“, во интервју за британското издание на магазинот GQ за прв пат проговори за проблемот со дисморфијата. Таа тогаш изјави дека отсекогаш се справувала со длабока несигурност за нејзиниот изглед.
“Можеш да погледнеш некого и да мислиш дека тој човек е убав, прекрасен, а неговиот живот е секако едноставен поради тоа. Но, многу пати тоа е многу далеку од вистината. Убавината не значи дека некој е сигурен во себе“.