Членката на женскиот состав „Спајс грлс“, Мел Би го потврди повторното обединување на на групата за магазинот „Сан“. Таа не откри детали од проектот на кој работат, но вели дека ќе се соберат сите девојки, вклучувајќи ја и Викторија Бекам.
Ова ќе биде нивно прво целосно обединување по 11 години, од нивниот настап на затворањето на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Бекам не сакаше да им се придружи на своите колешки на нивната турнеја во Велика Британија во 2019 година. Потоа рече дека е премногу зафатена со нејзиниот бренд за облека. На прашањето како Викторија била убедена да се врати, Мел рекла: Не е работата да ја убедуваме. Мислам, секогаш бевме некако во контакт. Не е дека не разговараме. Имаме групен разговор. Треба само да го пронајдете вистинското време, додала Мел.
View this post on Instagram
Девојките се собраа и минатата година на венчавката на синот на Викторија, Бруклин Бекам.
Иако Мел засега не сакала да ги открива деталите, британските медиуми шпекулираат дека се работи за концерт во Гластонбери.
Во популарната група, освен Викторија и Мел Би, беа и Гери Хорнер, Ема Бантон и Мел Си. Групата е основана во 1994 година и на сцената беше само шест години. Цел свет лудуваше по петте девојки од Велика Британија, а секоја од нив имаше свој прекар.
Бејби Спајс беше Ема, Спорти Спајс Мел Си, Пош Спајс Викторија Бекам, Скери Спајс Мел Би и Џинџер Спајс Гери. Бендот се распадна во 2000 година, но оттогаш тие се вратија неколку пати на турнеја што повторно ги собра нивните обожаватели.