Хрватската пејачка Северина објави две нови песни на својот Јутјуб канал, кои се на А страната на нејзиниот нов албум „Сори“.
Насловната песна „Сори“ и „Метак“, кои ги изведува со младиот трап рапер Нучи, претставуваат две од петте нови песни што Северина ќе ги претстави, заедно со спотови, во наредните недели.
„Албумот е денс поп албум и е наменет за сите што сакаат забава, танц и се што им се допаѓа на младите. Беше замислено без патетики и претенциозност и успеав“, изјавила Северина.
Видеата за песните „Сори“ и „Метак“ достапни се на Јутјуб, додека целата А-страна на албумот „Сори“ ќе биде достапна на сите други стриминг платформи од 4 јули.
Автор на музиката, текстот и аранжманот на двете песни е Филип Милетиќ, кој е и композитор и музички продуцент на целиот нов албум на Северина, додека двата спота ги работел режисерот Немања Новаковиќ.