Човечките останки пронајдени во планините во Калифорнија се на британскиот актер Џулијан Сендс, кој исчезна додека планинареше во јануари, информира Би-Би-Си.
Сендс исчезна во јануари кога тргна на планинарење.
Човечки останки беа пронајдени во саботата, а сега и официјално е потврдено дека му припаѓаат на познатиот актер.
Телото, кое беше откриено во саботата во близина на планината Балди, беше однесено во судска медицина за идентификација, се вели во соопштението на канцеларијата на шерифот на округот Сан Бернардино.
Џулијан Сендс, страствен планинар, исчезна на 13 јануари додека се искачуваше на врвот висок 3.048 метри, источно од Лос Анџелес.
Сендс е роден во Велика Британија, а најпознат е по улогата во филмот „Соба со поглед“ од 1985 година, како и ТВ драмата „Смолвил“.
Тој беше оженет со новинарката Евгенија Читковиќ и зад себе остави три возрасни деца.
Претходно тој беше оженет со Сара Сендс, поранешна уредничка на програмата „Денес“ на Би-Би-Си Радио 4.