Мик Џегер, најстарата британска рок-ѕвезда, во среда го слави својот 80-ти роденден. Фронтменот на Ролинг Стоунс најави голема забава во југозападниот дел на Лондон, пишуваат британските таблоиди.
Лошо момче, врвен секс симбол, неспоредлива рок-ѕвезда: Мик Џегер со децении е на насловните страници, меѓу провокации, ексцеси и освојувања и продолжува да ја освојува публиката со своите настапи. Беше скоро на турнеја низ Европа со Ролинг Стоунс за да ја прослави 60-годишнината на бендот. Турнејата заврши лани , првпат без тапанарот Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.
Џегер е икона на контракултурата од 60-тите . Тој имаше операција за замена на срцевиот залисток во 2019 година, но енергичниот шоумен одржува витка линија и одлична форма со својот режим на трчање, кик-бокс, возење велосипед и јога. Со песни како Jumpin’ Jack Flash, Gimme Shelter, Sympathy for the Devil и Not Fade Away, бендот на Џегер помогна да се активира културната и социјалната експлозија од 1960-тите.
Харизматичниот фронтмен изгради репутација за поместување на границите, целосно искористувајќи ја сексуалната револуција во ерата и рекреативната употреба на дрога.
Мајкл Филип Џегер е роден на 26 јули 1943 година во Дартфорд, јужно од Лондон. Почнал да свири со пријателот од детството Кит Ричардс во 1960 година, откако ја открија взаемната љубов кон блузот и ги формираа Ролин Стоунс во 1962 година.
Се откажа од Лондонската школа за економија во потрага по слава, а во 1965 година бендот го имаше првиот голем хит (I Can’t Get No) Satisfaction. Следеа низа големи хитови во текот на пет децении, вклучувајќи ги Brown Sugar, Honky Tonk Women и Paint It Black.
Бендот стана исто толку познат по нивните испади на сцената, употребата на дрога и неконтролиран сексуален живот. Џегер подоцна стана столб на општеството. Тој стана Сер Мик во 2002 година откако кралицата Елизабета Втора го прогласи за витез.
Во 2016 година рокерот стана татко по осми пат кога американската танчерка Мелани Хемрик, неговата сегашна партнерка, роди син. Тој веќе имаше седум деца од четири претходни врски.