Филмот „Чувари на формулата“ на режисерот Драган Бјелогрлиќ освои награда на фестивалот во Локарно. Во Србија е познат и како „Српскиот Опенхајмер“. Се работи за инцидент со радијација во 1950-те во југословенскиот Нуклеарен институт Винча.
Филмот ја освои наградата „Пардо верде“ за која се квалификуваат сите филмови прикажани на фестивалот што на публиката ѝ нудат нови интерпретации кои инспирираат промени во свеста за иднина која ќе има поголема одржливост.
Филмот на Бјелогрлиќ се прикажуваше на програмата Пјаца Гранде во најголемото кино на отворено во центарот на Локарно. Филмот е поддржан од Еуримаж е е копродукција меѓу Србија, Словенија, Црна Гора и Македонија, која преку Агенцијата за филм го поддржа на конкурсот во 2016.
View this post on Instagram
„Критична зона“ на иранскиот режисер Али Ахмаџадех победи во главната конкуренција за награди. Го сними без дозвола на властите во Иран и беше опишан како еден вид на химна на слободата и отпорот во земјата. Поради тоа ирранските власти го забранија и се обидоа да го спречат да се прикаже во Локарно.
Приказната го следи животот на човек кој вози низ подземјето на Техеран со своето куче, продава дрога и исцелува вознемирени души. Ова е четврти филм на Ахмаџадех, чии филмови ја прикажуваат бунтовничката младина во Иран и нивната конфронтација со теократијата во земјата.
На Ахмаџадех и официјално му е забрането да работи како филмски режисер во Иран. Специјална награда на жирито освои романскиот „Не очекувај премногу од крајот на светот“ на Раду Жуде.