„Поетска ноќ во Велестово“ по 35. пат ќе се одржи од 18 до 20 август. На свеченото отворање ќе има поетско читање и промоција на книгата „Самодиви“ со почеток во 21часот.
По промоцијата, ќе следува интернационално поетско читање на кое ќе настапат поети од Германија, Албанија и Косово, а веќе во 22 и 30 часот, на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово ќе биде отворена ликовна изложба на македонскиот сликар Тони Попов.
Следниот ден, на 19 август, манифестацијата ќе продолжи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, покрај Охридското Езеро.
Во соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, ќе се одржи поетско читање и промоција на книгата „Ново раѓање на зборот – антологија на македонската млада поезија“, изработена од страна на Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.
Во рамки на третиот ден од манифестацијата ќе биде одржана работилница за креативно пишување и дијалог преку преведување поезија, наменета за млади, насловена „OH READ #2“, интернационално поетско читање и дебата за важноста на литературните преводи со учесниците и публиката.
Манифестацијата ќе биде затворена со интернационално поетско читање од страна на поети од Германија и Македонија.