Димитар Андоновски со песната „Сам по калдрмата“ го најави новиот музички проект со групата „Фонтана“

Пејачот Димитар Андоновски подготвува нов проект со групата „Фонтана“ и кларинетистот Благојче Трајковски.

Новата песна од проектот на пејачот е „Сам по калдрмата“ која премиерно ќе биде изведена вечерва на фестивалот за староградска музика „Ех таа Серенада“ во Битола. Проектот е составен од стари македонски песни, на кои Димитар и тимот со кој соработува ќе остави свој печат.

„Работам на еден проект заедно со групата „Фонтана“ и Благојче Трајковски, преработуваме македонски песни кои што оставиле траг во македонската музичка историја. Еден убав проект, кој што до крајот на декември ќе сме во работен процес со снимање во студио. Дел од песните се снимани. Како претходната преработка на „Ако одам во Битола“ во таков сличен аранжман се и останатите песни. Сметавме дека треба да дадеме свој печат и придонес во она што останало од времето од нашите постари колеги уметници, пејачи и музичари и сметавме дека песните кои што заслужиле треба да продолжат да живеат да му дадат едно ново музичко пакување за да остане за идните генерации“, изјави Димитар Андоновски за Репортер.

На песната Димитар работел со авторите Александар Јовевски и Борче Нечовски.

Г.Додевска

 

 

 

 

Scroll to Top