Сузе со плетенката е лоша верзија на Елза, Зуица со ресичките личи штуро и евтино, а Кате светеше од глава до пети

Љубилејното 30-то издание на „Охрид фест“ е зад нас а со тоа и модните катастрофи на нашите јавни личности. Барем така вели, The Other Lagerfild, модната критичарка која пишува за Репортер. Во нејзината модна критика овој пат, се фолк пејачките.

Како прва би ја искоментирала Благица Павловска како една од најголемите икони на нашата сцена. Се појави во барби фустан со спуштени пуфнасти ракави како и парче ткаенина кое паѓаше надолу од струкот давајќи подлабока димензија на оваа силуета. Деколтето беше премногу спуштено за мојот вкус, а пак црниот шешир не ми одговараше со бојата на фустанот. Особено црната алка со златното ланче … модна утка.

Зуица Лазова се појави во една доста игрива варијанта со фустанче со ресички. Оваа ледено сина нијанса во комбинација со ресичките изгледа прилично необично, но искрено би ми се допаднал овој изглед повеќе доколку имаше повеќе ресички и беа малку погусти. Вака ми делува малку штуро и евтино.

Би рекла дека Катерина Танева беше со најхрабар избор на облека од сите. Таа буквално светеше од глава до пети. Носеше црн долг светкав фустан со силуета на сирена. Имаше еден асиметричен исечок на деколтето кое го отвори ова доста затворено парче и додаде ефект на умерен сексипил. Колку и да обожувам вакви едноставни но светкави минималистички парчиња морам да кажам дека не ми одговараше исечокот на фустанот. Доколку парчето имаше само поинакво деколте ќе беше перфектно, а вака ми е чудно и сè спротивно од шик.

За чудо, ми се допадна како изгледаше Ирена Спасовска. Ретро фустанот со бобици во комбинација со впечатливото ланче даде една доста интересна динамика. Но, едно нешто што би променила се обетките. Едноставно се малку кич за во комбинација со ваков изглед.

Според мене, најкатастрофалниот изглед беше на Сузана Спасовска. Белиот скоро проѕирен фустан од непозната силуета со тоа тотално непотребно парче материјал врзано околу струкот во најнеубавата нијанса на сино возможно … па уште и плетенката. Како една лоша верзија на Елза. Од самиот избор на материјал, до боите, до тоа како беа скроени … ништо не ми чинеше.

За крај, да го искоментираме и најинтересниот машки изглед. Наум Петревски се појави во кремасто одело со елегантна бела кошула и кафеави детали (вратоврска, каиш и чевли). Ова е едно класично и безвременско издание кое секогаш ќе биде ин. Единствено нешто што би сменила е нијансата на костумот, оти не ми одговара со неговиот тон на кожа, а и ми делува доста старски и неубаво.

За Репортер коментира модната критичарка: theotherlagerfeld

Scroll to Top