Во оклопниот воз на Ким Џонг Ун се служат француски вина и свеж јастог, но не може да оди побрзо од 50 км/час

Ким Џонг Ун вчера тргна на своето прво патување во странство по повеќе од четири години, при што ќе се сретне со Владимир Путин на засега непозната локација на крајниот исток на Русија. Во согласност со долгата традиција меѓу севернокорејските лидери, Ким ќе патува повеќе од 20 часа во бавниот оклопен воз, опремен со ресторан во кој се служат француски вина и јадења како свеж јастог.

Бидејќи е заштитен со тежок оклоп, возот „Таејангхо“, што на корејски значи сонце, се движи со околу 50 километри на час, а бавното патување се должи и на застарената железничка мрежа во Северна Кореја.

Традицијата на вакви долги патувања ја започнал основачот на Северна Кореја, Ким Ил Сунг, дедото на сегашниот лидер, кој со свој воз патувал и до Виетнам и источна Европа. Се вели дека овие луксузни возови имаат голема заштита од безбедносните агенти, кои ги проверуваат маршрутата и станиците за бомби и други закани.

 

Таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил, наводно патувал со воз зашто се плашел од летање. Во 2001 патуваше до Москва десет дена за да се сретне со Путин.

„Во возот е можно да нарачате што било од руската, кинеската, корејската, јапонската и француската кујна. Се сеќавам како во возот се носеа живи јастози за да се одржат свежи, а кутии француски вина беа донесени директно од Париз. Дури и приватниот воз на Путин ја немаше удобноста на возот на Ким“, напиша во своите мемоари Константин Пуликовски, рускиот воен офицер кој го придружувал Ким Џонг Ил на патувањето во 2001.

Поранешниот руски дипломат Георги Толораја напиша во 2019 дека во возот се служеле разни деликатеси, како магарешко месо и полжави.

Според јужнокорејските медиуми, возот има околу 20 блиндирани вагони и содржи сали за конференции, спални соби, сателитски телефони и бројни телевизори.

Scroll to Top