Културната и политичка јавност на Албанија го пречека најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски со огромни почести. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, го нарече „мој херој“ во говорот пред премиерата на најновиот филм на Манчевски, „Кајмак“, кој го отвори Тиранскиот филмски фестивал. Пречекувајќи го во неговиот кабинет претходниот ден, Велиај го поздрави со зборовите „Кругот не е тркалезен, добредојде во Тирана“, цитирајќи реплика од легендарниот филм „Пред дождот“. Мајлинда Тафа, албанскиот претставник во Еуримаж изјави: „Конечно Милчо кај нас“, а министерката за култура Елва Маргарити, која дојде директно од аеродром, се заблагодари за извонредните пораки на неговите филмови. Агрон Доми, директорот на фестивалот, го претстави Манчевски со зборовите „мојот омилен режисер“.
Aлбанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски„Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.
„Кајмак“ го отвори фестивалот во присуство на политичката и културна елита на Тирана. На отварањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, како и амбасадори на шест други држави во Тирана.
Минатата недела „Кајмак“ беше дел од ретроспективата на Манчевски на i-fest во Калабрија, Италија, каде режисерот доби иСпецијална награда, а минатиот месец филмот освои Награда за најдобар филм на фестивалот Синеквест во Калифорнија, како и Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови. Од претходните награди за „Кајмак“ се издвојува онаа на фестивалот Фантаспорто во Португалија.