Во австрискиот град Браунау, започна работата на адаптација на куќата во која е роден Адолф Хитлер во 1889 година, со цел оваа зграда да се пренамени за потребите на локалната полициска станица и да се направи непривлечна за приврзаниците на нацистичкиот водач и фашистички диктатор.
Плановите предвидуваат на почетокот на 2026 година, по адаптацијата, тој објект да биде распределен за користење на полицијата за потребите на окружниот штаб и огранок на Академијата за безбедност, каде што ќе се обучуваат идните полицајци, пренесе АП.
На проектот за адаптација му претходело повеќегодишно судење за сопственоста на куќата, кое завршило во 2017 година со пресуда на Врховниот суд на Австрија, со која австриската влада имала право да ја експроприра зградата откако сопственикот одбил да ја продаде.
Судот одлучил и да го одбие предлогот за уривање на овој објект.
Во 1972 година, австриското Министерство за внатрешни работи ја изнајми оваа зграда за да спречи злоупотреби и објектот потоа беше даден под закуп на различни добротворни организации, но во 2011 година, откако Центарот за грижа за возрасни со попреченост се исели, куќата остана празна.
Пред родното место на Хитлер е поставен споменик на кој пишува „За слобода и демократија. Никогаш повеќе фашизам. Милиони мртви не потсетуваат“.
И покрај критиките, австриската влада тврди дека вселувањето на полицијата во оваа куќа е најдобриот начин да се продолжи да се користи за безбедноста на граѓаните.