Актерката Скарлет Јохансон почна правна постапка против апликацијата за вештачка интелигенција која го користела нејзиниот глас и нејзиното лице во онлајн-реклама, без притоа да им даде дозвола.
Како што пишува „Варајети“, станува збор за реклама што промовира апликација за уредување фотографии со вештачка интелигенција наречена „Лиса АИ“ (“Lisa AI: 90s Yearbook & Avatar“), која користела верзија на нејзиното лице и глас генерирани од вештачка интелигенција.
Адвокатите на актерката потврдија за „Варајети“ дека Скарлет не е претставничка на апликацијата, а откако е откриена рекламата на 28 октомври, веднаш е преземена соодветна правна постапка. Рекламата оттогаш не може да се најде на социјалните мрежи.
Лажниот глас што ја имитира Скарлет ја промовира апликацијата за вештачка интелигенција, а со мал фонт на дното на рекламата пишува: „Фотографиите се создадени со помош на „Лиса Аи“ („Lisa AI“). Тоа нема никаква врска со оваа личност“.
Сличен случај имаше и минатиот месец кога актерот Том Хенкс се огласи на социјалните мрежи за да ги предупреди своите фанови за промотивно видео за стоматолошки план, во кој е создаден неговиот лик со вештачка интелигенција.
Текстот Скарлет Јохансон ja тужи вештачката интелигенција: нејзиниот глас и лице биле користени во реклама е превземен од МАКФАКС.