Работел од болничкиот кревет, здравствената состојба на актерот Жарко Лаушевиќ се влошила пред три недели

Познатиот актер Жарко Лаушевиќ почина на 63-годишна возраст по кратко и тешко боледување, како што соопшти неговото семејство, а големите здравствени проблеми за актерот започнале кон крајот на август, пишуваат медиумите од соседството.

Имено, актерот тогаш поради сериозни проблеми бил хоспитализиран во болницата на Бежанијска Коса, а како што пишува „Курир“ било констатирано дека боледува од рак на белите дробови.

Иако имал тешки терапии, Лаушевиќ работел од болничкиот кревет, а надеж за излекување давал и фактот што му било дозволено да си оди дома.

Самиот актер изразил желба да се појави на премиерата на филмот „Хероите на Халиард“, што воедно е и последно појавување на актерот во јавноста, а неговото појавување предизвикало солзи кај многу негови колеги. Иако во тој момент го напуштил болничкиот кревет, на Лаушевиќ му била препишана строга терапија и редовно следење на неговата состојба.

Здравствената состојба на познатиот актер ненадејно се влошила пред три недели, кога повторно бил хоспитализиран и останал во болница до смртта.

Инаку, според медиумот, од рак на белите дробови во Србија, годишно заболуваат речиси 7.000 луѓе, а 4.600 од нив умираат. Подмолната болест го зеде и животот на актерот Небојша Глоговац.

Колегите и пријателите се збогуваат со Лаушевиќ со објави на социјалните мрежи.

Scroll to Top