Предновогодишниот период е секогаш резервиран за убави нешта, а 18.12.2023 година е дефинитивно датум резервиран за нова предновогодишна концертна бајка, со Сара Мејс и Крисмас Грлс и Камерниот Оркестар на Битола. Под диригентската палка на единствениот Владимир Димовски, концертот ќе донесе комплетна новогодишна еуфорија во Македонска Филхармонија, а и ќе ја оживее премиерата на една поинаква зимска концертна приказна, насловена како „Jingle Bells Symphony“.
Концертот ќе започне во 20:00 часот и ќе вклучува нови аранжмани за оркестар и пет уникатни женски вокали. Публиката ќе има прилика да ужива во изведбата на светски најпопуларните Божиќни песни.
Овој бајковит музички репертоар ќе биде отпеан од исклучителните вокали на Сара Мејс, Калина Велковска, Полина Тасева, Ана Петановска и Теа Богатинова, зачинет со звуците на маестралните музичари од Камерниот оркестар на Битола.