Нашиот Нино Леви од денеска е пензионер. Во Фејсбук статус на Македонскиот народен театар посочија дека ќе биде и понатаму дел од МНТ со актуелните улоги во претставите кои се на тековниот репертоар.
„Нашиот Нино Леви од денес е само формално пензионер. Но, актерот никогаш не ги остава театарот, сцената и штиците што живот значат. Нино Леви по неверојатните 34 години поминати во својот матичен МНТ и 53-те одиграни улоги (речиси сите во неговиот МНТ), останува засекогаш во нашите срца, но и понатаму како дел од МНТ со актуелните улоги во претставите кои се на тековниот репертоар“, објавија од МНТ.
Нино Леви е роден на 19 јануари 1960 г., во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски и проф. Слободан Унковски, во 1987 г. Од 1989 г. е вработен во Македонски народен театар – Скопје.