Холивудскиот актер Џејми Дорнан е итно хоспитализиран.
Холивудскиот актер Џејми Дорнан (41) е хоспитализиран откако доживеал „симптоми слични на срцев удар“ додека бил на одмор во Португалија. Здравствените проблеми настанале откако актерот налетал на „токсични гасеници“, открил за медиумите неговиот пријател – водителот Гордон Смарт (43).
Славниот 41-годишник уживал на одмор во Португалија со Смарт и уште неколку пријатели, но друштвото набрзо се соочило со непријатни здравствени проблеми.
Гордон истакна дека и самиот чувствувал „пецкање и скокоткање во левата рака“, а набрзо во болница му рекле дека има забрзано чукање на срцето, односно дека има 120 отчукувања во минута. Откако бил пуштен од болница, тој се вратил во хотелот, каде што го пронашол Дорнан во амбулантно возило како се жали на „вкочанетост во екстремитетите“, пренесува Дејли Мејл.
„Излегува дека налетавме на влакнести гасеници и имавме среќа што воопшто сме живи“, рече Гордон.
Малите влакна на овие гасеници, кои се претвораат во молци, имаат протеин тауметопеја, кој може да предизвика болни иритации на кожата, очите и грлото, како и осип, а во ретки случаи и алергиски реакции. Влакната лесно се отстрануваат од телото на гасениците, а ги има многу и ветрот лесно ги дува, така што допираат до луѓето и ги предизвикуваат гореспоменатите заболувања.
„Првиот ден одлично се забавувавме, игравме голф, излеговме, испивме многу вино и мартини. Како и да е, следниот ден повторно игравме голф, но сите бевме апсолутно ужасни и почнав да чувствувам прво пецкање, а потоа скокоткање во левата рака. Јас сум син на општ лекар и мојата прва мисла беше: ‘Ова е обично знак за почеток на срцев удар’. Јас сум прилично здрава личност, но кога ќе почнете да мислите дека имате срцев удар, сосема сте сигурни дека ќе доживеете еден“, вели британскиот водител.
После тоа веднаш се упатил кон болницата, каде набрзо колабирал. Се разбудил во болнички кревет покрај доктор кој го прашал: „Што направи вчера, млад човеку?“. Како и да е, набрзо бил пуштен, а кога се вратил во хотелот го чекало непријатно изненадување.
„20 минути откако замина, мојата лева рака се вкочани, левата нога се вкочани, десната нога се вкочани и мораа да повикаат брза помош“, му рекол на Гордон, Џејми Дорнан, ѕвездата на филмот „50 нијанси сиво“. .
Една недела подоцна, оваа приказна доби пресврт – докторот му се јави на Гордон и го извести дека неговите и симптомите на Џејми се предизвикани од токсични гасеници. „Се испостави дека на терените за голф на југот на Португалија има гасеници кои можат да убијат кучиња, а можат да предизвикаат срцев удар кај мажи во 40-тите години“, објасни водителот.